Претплата за Instagram, Facebook и WhatsApp? Meta тестира „премиум функција“

Meta размислува и за воведување претплата за AI функции

од Vladimir Zorba
7 прегледи Фото: Express Computer

Американската технолошка компанија Meta започна тест на премиум претплати на своите клучни платформи Instagram, Facebook и WhatsApp што би им овозможило на корисниците пристап до ексклузивни функции и напредни алатки за вештачка интелигенција.

Компанијата наведува дека основните функции ќе останат бесплатни, додека премиум пакетот ќе донесе дополнителни опции за креативност, продуктивност и поголема контрола врз споделувањето содржини, објави Tech Crunch.

Meta планира да понуди различни претплати за секоја апликација во наредните месеци, со специфични функции и пакети.

Компанијата со седиште во „Менло Парк“ нагласува дека не е врзана за една стратегија, туку ќе тестира повеќе модели и комбинации, во зависност од апликацијата и потребите на корисниците.

Како дел од новите претплати, Meta сака да ја прошири употребата на агентот за вештачка интелигенција Manus, кој неодамна го купи за околу две милијарди долари.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/
Manus AI

Manus ќе биде интегриран во производите на Meta, додека продажбата на посебна услуга Manus за деловни корисници ќе продолжи паралелно.

Meta, исто така, размислува за воведување претплати за функции со вештачка интелигенција како што е „vibes“, алатка за генерирање кратки видеа со вештачка интелигенција.

„Vibes“ досега беше бесплатна функција, но Meta сега воведува модел каде што основните опции ќе продолжат да бидат достапни, додека понапредните алатки ќе бидат достапни само за претплатници.

Сè уште не е познато кои премиум функции ќе ги добијат Facebook и WhatsApp, додека за Instagram се споменуваат опции како што се креирање неограничени листи со публика, како и можноста за анонимно гледање на нечија „приказна“.

Meta очекува новите претплати да донесат дополнителни приходи, а во исто време наведува дека ќе ги следи повратните информации од корисниците и ќе ја прилагодува понудата врз основа на реакциите.

Слични содржини