Претседателката на Форумот на жени на СДСМ Даниела Колева: Нашата борба е борба за секоја жена

од Milan1
50 прегледи

Жените социјалдемократки и младите социјалдемократи, секогаш играле и се уште играат исклучително важна улога во спроведување најдобри политики во интерес на жените и со кои покажавме дека еднаквоста и праведноста можат да бидат реалност, истакна претседателката на Форумот на жени на СДСМ Даниела Колева на денешната трибина по повод 25 години од постоењето и делувањето на Форумот на жени на СДСМ.

-25 години жените во СДСМ, па и претходно низ историјата, докажаа и покажаа дека заедно можат и умеат и дека заедничката сила е неограничена и е несицрпен извор на енергија, а доказ за тоа е дека успехот на секоја од нас, е успех за сите нас, порача Колева, додавајќи дека цел, со храброст, интелект, посветеност за напредок, е креирање општество во кое секоја жена ќе може да го достигне својот максимум, искористувајќи го целиот свој потенцијал. Нашата борба е борба за секоја жена, за самохраната мајка, за жената жртва на семејно насилство, жената работничка, жената земјоделка, жената полицајка, жената наставничка, жената функционерка, жената со инвалидитет, жената политичарка, жената домаќинка, жена во секоја професија, потенцираше таа.

Нам ни е потребна и неопходна, мудроста и знаењето на искусните, желбата и храброста на младите, безрезервната поддршка на мажите и силата и енергијата на сите нас заедно, за да продолжиме да се издигнуваме да градиме стабилен, еднаков и безбеден систем. Тоа е единствениот начин да покажеме, како најдобро знаеме и умееме , како и секогаш да бидеме предводници во општеството во поглед на женските прашања и родовата еднаквост, рече Колева.

Претседателката на Форумот на жени на СДСМ Даниела Колева, при обраќањето на трибината се осврна на дел од достигнувањата во изминатите 25 години.

Благодарение на Вашите заложби и Вашиот труд мои социјалдемократки, од само 5 жени во Првиот парламентарен состав денес имаме 50 жени пратенички, се донесоа голем број закони и стратегии во насока на унапредување на правата и социјалната заштита на жените, промени во Изборниот законик, ЗРО, Родово одговорно буџетирање, истакна Колева, додавајќи дека остануваат голем број предизвици, а дел од нив се 40% жени во извршната власт, поддршка на жените претприемачки, законско регулирање на интернет просторот со цел спречување говор на омраза, закон за породилно отсуство на жени замјоделки, економска независност и зајакнување на жената, поддршка на жените со инвалидитет и самохраните мајки.

Да не ги заборавиме и бројките, 18% од раководните позиции ги имаат жени, 28% сопственици на недвижност се жени, 11% носители на земјоделски стопанства се жени, а високи 86% од жртвите на семејно насилство се жени. Инкорпорирањето на родовата перспектива во социјалните политики и заштитата и економскиот напредок на жената не е веќе само прашање на социјална правда, туку и прашање на обезбедување еднакви можности и добар квалитет на живот за сите. И затоа на крај ќе кажам, да кажеме гласно да, ние прифаќаме да создадеме безбедно, сигурно и прогресивно општество, во кое нашите деца ќе можат да живеат мирно и спокојно, да бидат успешни и да се надградуваат, општество на граѓанска солидарност, колективна грижа, општество со раст и напредок, порача претседателката на Форумот на жени на СДСМ Даниела Колева на денешната трибина.

Слични содржини