Авганистанскиот претседател Ашраф Гани изјави дека во тек се консултации за изнаоѓање брзо политичко решение, кое ќе гарантира „мир и стабилност“ во таа земја, но во исто време повика на повторно мобилизирање на вооружените сили.
„Почнав консултации во владата, кои брзо напредуваат со политички претставници, меѓународни партнери, со цел да се најде политичко решение според кое се предвидува мир и стабилност за авганистанскиот народ“, рече Гани во обраќањето до нацијата.
Истакна дека нема да се откаже од „достигнувањата“ во последните 20 години. Ова е негово прво јавно обраќање во деновите по големиот напредок на Талибанците.
„Повторната мобилизација на безбедносните и одбранбените сили е наш врвен приоритет“, рече тој.
Талибанците брзо го окупираа поголемиот дел од северен, западен и јужен Авганистан, помалку од три недели по најавеното целосно повлекување на Соединетите држави од земјата.
Тие ја зазедоа провинцијата Логар во близина на главниот град Кабул и се борат против владините сили јужно од главниот град.