Привремениот претседател на Чад, Махамат Идрис Деби Итно, пристигна денеска во Нигер во обид да помогне да се најде излез од кризата во соседната земја, каде на почетокот на неделава се случи воен удар.
„Ова е иницијатива на Чад“, нагласи за АФП портпаролот на владата на таа земја, пренесува БТА.
Претходно денеска, Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS) им даде на пучистите во Нигер една недела да го вратат на власт демократски избраниот претседател Мохамед Базум. Во спротивно, регионалната организација се закани со санкции, па дури и со можна употреба на сила.
Цитираниот портпарол на владата на Чад прецизираше дека претседателот на земјата „нема специјален мандат од ЕКОВАС“.
Чад не е членка на Западноафриканската регионална организација.