Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, соопштија од претседателскиот кабинет.
На средбата се разговарало за стабилноста на македонскиот електроенергетски систем и предизвиците со кои се соочуваме, како и за владината уредба за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор.
Бислимоски го информирал Пендаровски за активностите што се преземаат и предвидените мерки во иднина, за капацитетите на домашното производство, како и за правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на енергетските дејности.
Претседателот Пендаровски посочил дека е неопходно да се преземат сите мерки, со цел успешно справување со предизвиците наметнати од глобалната енергетска криза, санирање на енергетскиот сектор и потребите на пазарот, како и соработка меѓу државните институции и компаниите од енергетскиот сектор.
Одлуката за прогласување на кризна состојба, според претседателот е нужна, со цел поефикасно спроведување на мерките и справување со предизвиците од енергетската криза.