Претседателот на Меѓународната автомобилска федерација (ФИА), Мохамед Бен Сулејем, е ослободен од обвиненијата за мешање во исходот на минатогодишната трка во Формула 1 за Големата награда на Саудиска Арабија.
Етичкиот комитет на ФИА објави дека „не нашол докази за поддршка на наводите за мешање“ на Бен Сулејем и дека тој е ослободен од сомневањата, објави денеска Скај Спортс.
Претходно овој месец, Би-Би-Си објави дека свиркач и рекол на ФИА дека Бен Сулајем наводно интервенирал за да ја поништи казната на возачот на Астон Мартин Фернандо Алонсо на минатогодишната трка во Саудиска Арабија.
Свиркачот рече дека Бен Сулејем му се јавил на шеикот Абдула бин Хамас бин Иса Ал Калифа, кој е потпретседател за спорт на ФИА за регионот на Блискиот Исток и Северна Африка, и му рекол дека мисли дека казната на Алонсо треба да биде поништена.
Алонсо доби казна од 10 секунди за недозволена работа на неговиот болид додека служеше претходната казна од пет секунди за време на трката. Поради таа казна Алонсо од третото место падна на четвртото, зад Џорџ Расел од Мерцедес, а поништувањето на казната го врати на подиумот.
Истиот свиркач потоа тврдеше дека претседателот на ФИА, наводно, побарал од официјалните лица да не ја одобруваат патеката во Лас Вегас, која беше домаќин на трка во Формула 1 за прв пат минатата година. Тој рече дека Бен Сулејем побарал од безбедносните власти да најдат начин и да наведат дека патеката не е безбедна за трки.