Само благодарение на вакцините можеме да го победиме вирусот. Имунизацијата не нè прави неранливи, но во голема мера ја намалува можноста за инфекција, нејзина циркулација и опасност, затоа вакцинацијата е морална и граѓанска должност, рече италијанскиот претседател Серџо Матарела на традиционалната церемонија „Вентаљо“, јави агенцијата „Анса“.
„Вентаљо“ значи лепеза, а симболичното признание, стилизирана лепеза, секоја година го доделува Здружението на италијанскиот печат на претседателот на Републиката и истакнати политичари.
Обично церемонијата се користи за да се направи биланс на политичката година.
Во оваа прилика, претседателот Матарела потсети дека пандемијата не поминала, дека вирусот мутирал и се покажал дека е уште позаразен.
– Без внимание и чувство на одговорност, ризикуваме нова парализа на социјалниот и економскиот живот; нови, широко распространети затворања, тешки последици за семејствата и бизнисите – рече Матарела.
– Се надевам дека ќе преовлада чувството на заедница и колективна одговорност. Слободата е неопходен услов, но оној што ја ограничува нашата слобода денес е вирусот, а не средствата и правилата за надминување на пандемијата – рече претседателот на Италија.