Претседателот на Казахстан: Протестите се организирани од хулигани кои тепаат војници

од Nikola Popovski
326 прегледи

Во моментот кога демонстрантите во Казахстан ја уриваат статуата на поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев, неговиот наследник Касим Жомарт Токајев вели дека по никоја цена нема да ја напушти земјата.

Назарбаев беше на чело на оваа држава во периодот од 1989 до 2019 година. На снимката се гледаат демонстранти како обвиткуваат ленти околу споменикот и се обидуваат да го урнат.

Немирите во Казахстан траат веќе четири дена, а во судирите се повредени над 100 полицајци и 50 цивили. Уапсени се околу 200 демонстранти.

Актуелниот претседател денеска ја прифати оставката на Владата. Според локалните медиуми „informburo.kz“, тој изјавил дека нема намера да го напушти главниот град Нур Султан, што и да се случи.

„Што и да се случи, јас ќе останам во главниот град“, рече претседателот, обраќајќи им се на народот на Казахстан по повод масовните протести во републиката.

Според него, протестите се организирани од хулигани кои тепаат војници.

За време на своето обраќање, претседателот рече и дека мерките што ги презел се насочени кон благосостојбата на заедницата.

„Тие мерки сè уште се недоволни. Високото ниво на организација на хулиганските елементи привлекува внимание. Ова укажува на внимателно дизајниран акционен план на финансиски мотивирани заговорници“, рече Токајев, цитиран од Раша тудеј.

 

Тој додаде дека сите учесници на протестот ќе бидат најстрого санкционирани.

„Групи разбојници тепаат војници, ги исмеваат, малтретираат жени и ограбуваат продавници. Ситуацијата ја загрозува безбедноста на сите жители на Алмати“, заклучи Токајев.

Слични содржини