Претседателот на Полска: ЕУ треба да ѝ даде пари на Унгарија за откажувањето од руска нафта

од Nikola Popovski
319 прегледи

На Унгарија и се потребни европски фондови за да го диверзифицира снабдувањето со енергија, изјави денеска полскиот претседател Анджеј Дуда и изрази разбирање на Полска за енергетската врска меѓу Будимпешта и Москва, пишува Хина.

Унгарија ја блокираше предложената забрана на ЕУ за увоз на руска нафта поради разорното влијание што таквата забрана би го имала врз економијата на земјата.

На прес-конференцијата со унгарската претседателка Каталин Новак, Дуда рече дека се надева оти Унгарија ќе се согласи на забрана за увоз на руска нафта, но дека го разбира ставот на Будимпешта.

Сто милиони евра за обнова и надградба

Унгарија рече дека ако престане да увезува руска нафта, ќе и требаат стотици милиони евра за обнова и надградба на инфраструктурата – рафинерии и цевководи, додека целосната модернизација на енергетскиот систем ќе чини милијарди евра.

„Ве молиме имајте на ум дека на Унгарија ќе и биде многу тешко да ги диверзифицира дополнителните рути доколку европските фондови останат блокирани“, рече Дуда, потсетувајќи дека руската нафта е клучна за унгарската економија и дека ништо не може да се промени преку ноќ.

Унгарската претседателка: Диверзификацијата е во наш интерес

Европската комисија ги скрати средствата на Полска и Унгарија од Фондот за закрепнување на пандемијата поради спорот за владеење на правото.

Унгарската претседателка Новак рече дека на нејзината земја и треба и енергетска диверзификација и европски фондови.

„Во интерес на Унгарија е да има што е можно повеќе различни рути за снабдување со енергија, тоа ни треба за да бидеме суверени“, рече Новак.

Слични содржини