Претседателот на СДСМ најави нови кадровски промени по изборите

Филипче напомена дека се соочиле и со притисоци пред гласањето, во општините каде што имаат нивни кандидати за градоначалници.

од Бисера Трајковска
9 прегледи

Кадровски промени во раководството на партијата по завршувањето на локалните избори најави денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче. Според Филипче, овие избори се показател за тоа како да се постават и како да функционираат во следниот период.

-Сега овие избори се показател за тоа како да се поставиме и како да функционираме во следниот период, затоа што очигледно е дека потребно посебно во тие општини каде што не го постигнавме посакуваниот резултат да продолжиме со интензивна работа. Во тој контекст најавувам политички-кадровски промени во раководството после изборите за што ќе бидете известени, изјави Филипче во одговор на новинарски прашања.

Тој напомена дека се соочиле и со притисоци пред гласањето, во општините каде што имаат нивни кандидати за градоначалници.

-Имаше притисоци во вид на финансиски контроли, преку центри за социјална работа, нудење пари за гласови. За ова ги известивме надлежните институции и поради тоа работевме во тешки околности, рече Филипче.

Филипче од Аеродром ги повика жителите на таа општина во вториот круг да гласаат за нивниот кандидат за градоначалник Александар Трајановски.