Вршителот на должноста претседател на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВВ-ОВК), Фатон Клинаку изјави дека поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамдани денеска избегал од домашен притвор во Македонија, откако, според него, македонските правосудни органи одлучиле да го вратат во притвор со цел да го екстрадираат во Србија.
Клинаку на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека новата коалициона влада во Северна Македонија, во чие формирање, како што вели, помогнал и косовскиот премиер Албин Курти, ги прогонува воените ветерани на ОВК и дека ако продолжи ваквата политика ќе има ескалација.
-Откако решија да го вратат во притвор од домашен притвор со цел екстрадиција во Србија, Блерим Рамадани побегна и многу добро направи. Вештачката македонска држава против него распиша потерница бидејќи сака да ги извршува наредбите на (претседателот на Србија, Александар) Вучиќ. Оваа власт која дојде во Македонија, на која за жал ѝ помогна Курти во име на промените, ги прогонува воените ветерани на ОВК. Но, нека разберат дека доколку продолжи ваквата политика на прогон на Албанците, тие ќе одговараат за секоја ескалација на ситуацијата, напиша Клинаку.