Градоначалникот на Штип, Сашко Николов, Претседателката на Совет на општина, Маријана Рогожарска Поповска, Претседателката на пописна комисија, Соња Китанова, Кординаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Љубе Здравков, Советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Христина Серафимовска, Директорот на Дом на млади, Горан Трајков и главниот уредник на ТВ Ирис, Војо Маневски, се седумте учеснички и учесници на панел дискусијата „Попис: Статистика, не политика“ во Штип, утре, 4 март, со почеток во 16 часот. Настанот го организира на ЦИВИЛ , а модератор ќе биде Џабир Дерала.
Во согласност со мерките за заштита од Ковид-19, панел дискусијата ќе биде одржана без публика, но ќе биде пренесувана во живо на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, а содржините што ќе произлезат од панел дискусијата ќе бидат објавени на медиумската платформа на организацијата на македонски, албански и англиски јазик. Посебни видео прилози ќе бидат објавени и на YouTube каналот на ЦИВИЛ. Како и секогаш, редакциите со кои ЦИВИЛ има соработка се поканети да ги преземат сите медиумски содржини со соодветна атрибуција и линк.
Во фокусот на панел дискусијата е потребата да се одвои политиката од статистиката, бидејќи пописот тоа и е – статистичка операција, а не полигон за етно-политички пресметки. За јавноста е важно да се слушнат ставовите и на штипските учеснички и учесници во панел дискусијата на кои, меѓу другото, ќе им дадеме простор да споделат и некои основни информации за текот на подготовките на пописот, како и неговото значење за развојот на општините, економијата, стопанството и градењето политики и практики на локално и национално ниво.
Панел дискусијата ќе трае околу еден час и половина. За време на дискусијата, тимот на ЦИВИЛ ќе ги следи реакциите и прашањата на социјалните мрежи и дел од нив ќе ги пренесе до учесниците во дискусијата.
Настанот е дел од проектот „Граѓански објектив“, финансиран од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) од САД.