Превозниците и оваа година ја започнаа со проблеми

од Vladimir Zorba
447 прегледи

По исклучително тешките услови за работа кои настанаа поради економската и финансиската криза како и драстично зголемените цени на горивото, македонските превозници сега се соочуваат со нови нејаснотии поврзани со санкции за превоз на стока во и од Русија и Белорусија.

Примерот на еден превозник кој вршел превоз на хартија за Албанија во декември 2022 година, стока која е под санкции од 01.01.2023 г., е само еден во низата случаи со кои се соочуваат превозниците, вели за Локално, Биљана Муратовска од Асоцијацијата Макам-транс.

„Ова се случи на почетокот на јануари. Врз основа  на налог за утовар на организатор за превоз од Белорусија, наш превозник врши утовар на стока-хартија од Русија за Албанија. Превозот се врши во период од 19.12.22-27.12.22 г. кога нема ембарго на таа стока. Возилото ја презема  стоката и ја истовара во Албанија, при тоа транзитира и низ нашата држава и никој не го запира. Но банката ги вратила парите назад одејќи  по принципот на тарифен број на стоката која е истоварена во Албанија, а превезена кога немало ембарго. Банката сама одлучува да преземе ваков чекор врз основа на документи кои верувам дека дури и не ги разбираат. Превозот не е стока туку услуга што ја  вршиме врз основа на меѓународни дозволи кои ни ги дале државите низ кои  се движиме и засега ниедна држава нема воведено санкции за вршење на услуга – превоз. Ако превземе стока за држава која нема ембарго, значи услугата треба да ни се  плати т.е банката не треба да ни ги задржува парите сметајки дека сме го  прекршиле правото на воведени санкции за увоз – извоз на одредени стоки. Ако имаше таква забрана, Албанија немаше да дозволи истовар на стоката, а пред тоа и нашата Царинска управа немаше да дозволи да се изврши транзитен превоз низ нашата држава.Не знам со кое право му нанесоа  штета на превозникот кој се обидува во овие тешки услови да опстане. Вакви проблеми од недоволно познавање на превозот и законите кои го регулираат, ни се случуваат многу често“, револтирано реагира во разговор за „Локално“, Муратовска.

Затворањето на пазарите во Русија и  Белорусија, намалена размена на производи со Украина,намаленото производство на европските компании, енормно ја зголеми конкуренцијата во транспортниот пазар вели Муратовска а таквиот притисок ги тера македонските превозници во одредени случаи да прифатат многу пониски цени на превоз па дури и да работат со загуба .

Билјана Муратовска

Билјана Муратовска

Многу е тешко да се превезуваат одредени производи. Работиме на сите полиња но многу е тешко да се постигне добра цена и да се најде редовен превоз во одење или враќање.Ако  возилото отиде за Украина, од таму не може да се најде никаква стока за да  се врати назад. Па се оди во Полска, Чешка што значи дека имаат поголем број поминати километри со празни возила.Не можам да кажам дека сите возила со кои располагаат македонските превозници  се во функција бидејќи има криза и недостига стока, но се снаоѓаме и тековно се справуваме со проблемите, објаснува Муратовска.

Во однос на можното укинување на зелениот картон односно воспоставување на единствена премија за осигурување на возилата од автоодговорност, Муратовска вели дека спојувањето на двата дела од сегашното осигурување ќе значи поскапо задолжително осигурување за сите кои имаат сопствени возила без разлика дали возат надвор од државата или не и не е време тоа да се направи во овој тежок период. Децидна е дека треба и понатака да се почитуваат завршните и преодни одредби од Законот за задолжително осигурување во патниот сообраќај каде јасно е наведено дека примената на одредени одредби од законот ќе се применуваат кога Р.Македонија ќе биде дел од Европска Унија.

К.В.С.

Слични содржини