Американската федерална пазарна комисија (FTC) го испитува договорот на Microsoft од 68,7 милијарди долари за преземање на Activision Blizzard, производителот на играта Call of Duty, објави Bloomberg News, цитирајќи извор запознаен со потегот.
FTC, наместо Министерството за правда, ќе истражува дали оваа аквизиција ќе ја загрози пазарната конкуренција, се наведува во извештајот, повикувајќи се на Ројтерс.
Во обид да ги заострат условите за спојувања, FTC и Министерството за правда минатиот месец соопштија дека концентрацијата на индустриите на пазарот пораснала и дека порастот на спојувањата во 2020 и 2021 година сигнализира дека ситуацијата ќе се влоши.
Microsoft, Activision и FTC не одговорија веднаш на барањето на британската агенција за коментар.
Договорот објавен во јануари е најголемиот досега за Microsoft и ќе биде најголемата аквизиција платена во готовина до сега.
Ова преземање ќе ја зајакне позицијата на Microsoft на растечкиот пазар на видео игри, каде што негови најголеми ривали се Tencent Holdings и Sony Group.
Во исто време, Sony во понеделникот објави дека ќе го купи Bungee, оригиналниот креатор на видео игрите Halo и Destiny, за 3,6 милијарди долари, што е најновиот во серијата чекори за консолидација кои влијаат на секторот за видео игри.
Ројтерс претходно објави дека Microsoft ќе плати такса од 3 милијарди долари доколку договорот не успее, што покажува дека компанијата е уверена дека ќе добие антимонополско одобрение.
Microsoft и Activision си поставија краен рок до јуни 2023 година да ја завршат трансакцијата.