Поттикнување на развојот на социјалното претприемништво преку поддршка на иновативни решенија за тековните социјални потреби и социјални иновации, обезбедувајќи притоа одржлив и инклузивен развој, е целта на првиот ваков Предизвик кој го реализира ФИТР во партнерство со Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик” и Бизнис Импакт Лаб.
Во рамките на јавниот повик ќе бидат кофинансирани социјални претпријатија кои се фокусираат на минимум една од целите за одржлив развој на Обединетите Нации. Ќе се бараат решенија кои ќе овозможат ставање крај на сиромаштијата во сите нејзини форми, крај на гладувањето, безбедност на храната, подобрување на исхраната, како и промоција на одржливо земјоделство. Другите цели се обезбедување на инклузивно и еднакво квалитетно образование, и промоција на можностите за доживотно учење на сите. Ќе бидат поддржани и проекти кои имаат за цел постигнување родова еднаквост и охрабрување на жените и девојчињата како и промовирање на инклузивен и одржлив економски раст преку вработување и пристојна работа за сите.
„Горд сум што за првпат инвестираме во развојот на социјалното претприемништво и што Фондот за првпат нуди решенија за некои од клучните предизвици со кои се соочува социјалното претприемништво во земјата, како недостатокот на поддршка за финансирање и способност за скалирање односно подигање на работењето на следното ниво. Преку овој Предизвик, со создавање на вистински деловен модел и стратегија, им помагаме на социјалните претприемачи да создадат модел кој е истовремено влијателен но и финансиски одржлив”, посочи Коста Петров, директор на ФИТР, на денешната презентација на повикот.
Петров додаде дека Повикот е отворен за трговски друштва кои во моментот на аплицирање постојат не повеќе од 6 години, здруженија на граѓани или тимови составени од две до пет физички лица. Во случај кога како натпреварувач се јавува тим или здружение на граѓани и чиј предлог проект ја поминал фазата на селекција, натпреварувачот е обврзан во рок од 30 календарски дена по прием на Известувањето за селекција на предлог проектот, да основа трговско друштво во кое како основачи ќе се јавуваат најмалку 51% од членовите на тимот.
Вкупниот буџет обезбеден за финансирање изнесува 6 милиони денари. За поединечен предлог проект, Фондот обезбедува до 90% од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 1.5 милиони денари, додека апликантите треба да обезбедат минимум 10% од од вкупниот буџет на проектот.
Спроведувањето на проектот може да биде до 12 месеци. Фондот врз основа на оправдани околности може да одобри продолжувања на спроведувањето на проектот до 6 месеци.
Партнерскте организации ќе обезбедат индивидуална менторска поддршка за избраните натпреварувачи во делот на комуницирањето на импактот, а ќе овозможат и пристап до национални и глобални програми за скалирање на нивните бизниси.
„Вклучувањето на ФИТР во поттикнувањето на социјалното претприемништво е еден од клучните чекори во развојот на социјалната економија во земјава. Ова е и поставување на основа за развој на социјални финансиски инструменти кои што толку многу им недостасуваат на социјалните претпријатија кај нас. Но во исто време, овој повик отвора и нови хоризонти за приватниот сектор од кој веќе се очекува да биде поодржлив и поинклузивен, свртен не само кон профитот, туку и кон своето позитивно влијание врз природата, општеството, човекот, кон целите за одржлив развој.”, изјави Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик”.
Според Кристијан Милески, ко-основач на Бизнис Импакт Лаб смета дека ФИТР има јасна цел кога станува збор за подигање на капацитетите на социјалните претпријатија.
„Среќен сум што на овој повик ќе им дадеме и свој придонес на селектираните претпријатија. Индивидуалните менторски сесии уште повеќе ке го зајакнат импактот кон кој се стремат претприемачите и ќе биде од особено значење кон нивниот пат за раст и развој како на домашниот, така и на глобалниот пазар” , заклучи Кристијан Милески, менаџер и ко-основач на Бизнис Импакт Лаб.
Дел од активностите кои ќе бидат одобрени за финансирање се активности за тестирање, за истражување и развој, дизајн и развој на прототип, активности за системско мерење на импактот на претпријатието и други. Некои од трошоците кои ќе бидат одобрени на проектите се: бруто плати за лица со вклучени додатоци на плата дефинирани согласно Законот за работни односи, набавка на и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој, ангажирање на експерти/советници за истражување и развој и други.
Постапката, од прием на пристигнатите апликации се до селекцијата и донесувањето на конечна одлука за избор и доделување на финансиски средства наградените натпреварувачи, се состои од неколку чекори: административна проверка на пријавите, прва оцена на предлог-проектот, пичинг односно презентација на предселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор, селекција на најдобри предлог-проекти и потпишување на договори. Секој предлог-проект ќе се оценува од Комисија за оценување и избор која се состои од: двајца претставници- надворешни експерти од областа на предизвикот, двајца претставници од партнерските организации и еден претставник на Фондот.