Презвитер Митевски: Пописот создава категорија на верници која не постои во реалноста

од Vladimir Zorba
372 прегледи

Директорот на ДЗС се однесува како пописот да се именува Апостол Симовски, а не дека е предизвик и надлежност на реномираната институција за статистика, вели за „Локално“, Презвитер Бобан Митевски, шеф на Кабинет на Архиепископот, во однос на изјавта на Симовски дека МПЦ треба на нивните членови да им објасни што се тоа христијани, а што православни..

– Пред некој ден ги обвини граѓаните дека очигледно не знаеле од која вера се, сега МПЦ не знае да работи, а институцијата под негова надлежност излезе, замислете, со резултати во кои има грешки, на пример како онаа за бројката на атеисти. И кога утредента на мистичен начин се променија резултатите, тој изјави дека тоа не е можно да се случи, за потоа да каже дека и на него како атеист му била чудна ниската бројка на тие што не веруваат. Па објаснуваше со голема леснотија како биле „смешани лончињата“ – испадна дека и самиот со грешка ги објави резултатите, истакнува Митевски.

Презвитерот смета дека е чудно што Симовски кога предходно ги видел резултатите, не му паднало нешто чудно.

– Има и други прашања: каде исчезнаа будистите – 894 на број, потоа зошто изјаснетите како агностици веќе не постојат како група, нели не се интрвенираше врз кажаното од граѓанинот? Г. Апостол, освен ако не е од неодамна доселен во земјава, зашто не веруваме дека до толку не ја познава верската карта и верските традиции во РМ – за тоа дека тука живеат православни, католици, разни протестанти и муслимани, додава шефот на Кабинет на Архиепископот.

Доколку МПЦ било претходно консултирано во врска каква ќе биде методологијата на графите за религиска припадност и вероисповед, Митевски смета дека тогаш немало Синодот по неколку дена од почетокот на пописот да интервенира со соопштение, а по претходна реакција од верниците дека кога ќе се изјаснеле како православни ги попишувале само со опцијата христијани.

– Тогаш САС побара православните да инсистираат на одредбата „превославен христијанин“. Имаше една средба по иницијатива на МНР, а не на ДЗС, и тоа откако пописот веќе беше почнат, за да се побара од верските заедници да интервенираат во дијаспората, каде што одзивот беше слаб. Но ДЗС не организираше ниту една средба со верските заедници за да ги запознае со пописната методилогија и со процесот. ДЗС не покажа инклузивност во овој процес, додава тој.

Митевски не е сигурен дали постои можност за приговори, но и дали би имало корист од истите.

– САС се обрати со соопштение до јавноста, сметам дека тоа е доволен сигнал. Иако, следиме од изјавите на г. Апостол, дека тој не е подготвен да прифати критика, ниту сака да го увиди пропустот, но затоа е подготвен да шпекулира во јавноста, додава Презвитерот.

За резултатите од пописот смета дека не ја одразуваат вистинската состојба, односно реалноста.

– Пописните резултати внесуваат, односно создаваат една категорија на верници кои не се јасни, и тоа не мал процент, туку 13.6 отсто, категорија која како таква не постои во реалноста. Што значи христијани, ако не се одредени како православни, римокатолици или протестанти, вели тој, додавајќи дека непопишувањето на православните Македонци во светот дополнително создава сомнеж и е производ на недоволната активност на институциите меѓу македонската дијаспора.

Што велат бројките на ДЗС?

Од ДЗС не е прецизно објаснето како се дошло до бројките и што е разликата меѓу православно население и христијани и зошто одделно се попишани.

Според официјалните бројки во Северна Македонија 847.390 се декларирале како православни, 590.8790 како муслимани, 242.579 како христијани, 6.746 како католици, 1.964 како агностици, 884 како будисти а 355 како атеисти.

М.А.

Слични содржини