Пријатели засекогаш! За вистинските вредности во Европа – ниски даноци, економски просперитет, семејни вредности, вака потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски ја прокоментира средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Николоски заедно со лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски денеска беа во посета на Будимпешта кај претседателот на сестринската партија Фи-дес, Орбан.
На средбата, како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, се разговарало за ЕУ интеграциите на Македонија. Мицкоски притоа го истакнал ставот, како што нагласил, на ВМРО-ДПМНЕ и на македонскиот народ дека интеграцијата е неопходна, но, оти таа треба да биде достоинствена и со зачувување на идентитетските обележја на народот.
-Забележано беше дека Македонија и ЕУ ги очекува најтешката зима во историјата, со големи потешкотии на енергетски план, во снабдувањето со енергенси. Мицкоски нотираше дека Владата во Македонија не ги прави потребните чекори во справување со енергетската криза, дека не се обезбедуваат навремено јаглен, мазут, гас и нафтени деривати, туку кога ќе дојде пикот на кризата се даваат големи суми на пари неколкукратно над тоа што можело да се потроши ако на време се обезбеделе истите тие ресурси, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.