Прилеп добитник на наградата на ЕУ за „најзелена општина“

од Nikola Popovski
248 прегледи

Во присуство на Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, градоначалници, пратеници, директори на претпријатија, претседателот на Советот на Општина Прилеп Дејан Проданоски и градоначалникот Борче Јовчески, Општина Прилеп ја доби наградата за Најзелена општина за 2021 година како дел од кампањата за промоција на Европскиот Зелен Договор. Делегацијата на Европската Унија ја промовираше „Наградата за најзелена општина” во рамките на нејзината кампања за подигање на свеста и промовирање на Зелениот договор на ЕУ. На отворениот повик, објавен на 3 март 2022 година по повод Светскиот ден на дивиот свет, сите општини во Република Македонија беа поканети да аплицираат со прикажување на нивните најдобри примери за управување со цврст отпад во 2021 година.

„Ми претставува чест и  задоволство што токму Општина Прилеп ја добива наградата за најзелена општина во Република Македонија за 2021 година, како дел од кампањата за промоција на Европскиот Зелен Договор. Како градоначалник на најзелената општина, сакам да истакнам дека денес сме горди домаќини на конференцијата „Најдобра пракса за управување со комунален отпад- затоа што немаме резервна планета“ организиран од проектот финансиран од ЕУ „ЕУ за општините“. Воедно сакам да ја искористам приликата да го честитам Светскиот ден на животната средина 5 јуни и да упатам порака дека ние луѓето мораме да направиме се што можеме, за да живееме во една здрава и чиста животна средина. Во името на сите граѓани на општина Прилеп и во мое лично име сакам да изразам огромна благодарност за наградата за најдобри практики во областа на управувањето со отпад. Ве уверувам дека ова за нас како општина, ќе претставува само дополнителен поттик  во иднина да ги продолжиме добрите практики во оваа област. Сигурен сум дека претставуваме и цврсто стојам на ставот и заложбите дека и во иднина ќе претставуваме позитивен пример за многу други општини во Република Македонија да преземат конкретни и решителни  чекори, со цел да постигнат уште подобри резултати од Прилеп, во сегментот на правилното третирање и управување со отпадот“, посочи градоначалникот Јовчески во своето обраќање.

Доделувањето на наградата беше извршено во рамките на конференцијата „Најдобра практика за управување со комунален отпад – затоа што немаме резервна планета” организирана во рамките на проектот ЕУ за општините финансиран од Европската Унија. Осум општини – Берово, Центар (Скопје), Кавадарци, Охрид, Пехчево, Прилеп, Тетово и Зелениково учествуваа на повикот презентирајќи ги своите водечки активности со кои придонесоа за подобра животна средина во 2021 година. Одборот за евалуација, составен од експерти од  Делегацијата на ЕУ, Гоу Грин, Еко-свест и претставник на Јуроп Хаус ги стави Кавадарци и Прилеп во потесен избор за последователни теренски проверки за да ги проверат информациите презентирани во нивните апликации. Одборот за евалуација го препозна Прилеп како општина која најдобро ја покажа еколошката практика во областа на управувањето со отпадот во 2021 година.

Во рамки на посетата „ЕУ со ТЕБЕ” на Прилеп евроамбасадорот Гир  ја посетија и  Пречистителната станица – инвестиција од ЕУ вредна осум милиони евра која го подобрува квалитетот на водата, како и квалитетот на животот на прилепчани од 2019 година. Подоцна, амбасадорот Гир и градоначалникот Јовчески  го посетија и  Прилепското езеро, чиј статус на спортско-рекреативен комплекс во хармонија со природата беше подобрен со поддршка од ЕУ вредна 0,47 милиони евра.

Слични содржини