Принцот Хари планира да се врати во САД само два часа по крунисувањето на неговиот татко на 6 мај, за да може да го прослави роденденот на својот син Арчи со своето семејство. Војводата од Сасекс, пишува Мирор, патува сам во Велика Британија откако е потврдено дека неговата сопруга Меган Маркл нема да му се придружи во Лондон.
Добро информиран извор за британскиот таблоид тврди дека Хари ќе биде „во и надвор од Велика Британија во рок од 24 часа“ и ќе замине веднаш по официјалниот дел од крунисувањето во Вестминстерската опатија. Се очекува церемонијата да заврши во 13 часот, па се верува дека војводата може веднаш потоа да се упати кон аеродромот, а земјата да ја напушти околу 14 или 15 часот. Плановите за патување на Хари не се објавени, но извор верува дека тој може да се врати во Калифорнија со приватен авион, пренесува The Sun.
Минатата година, кога Хари и Меган отпатуваа во Велика Британија на платинестиот јубилеј на кралицата, слетаа на аеродромот Фарнборо и оттаму се упатија во Хемпшир. Извор од палатата неодамна изјави за Мирор: „Хари рече дека ќе се врати за крунисувањето, но тоа ќе биде само кратка посета. На организаторите им било кажано дека Хари нема да присуствува на концертот со остатокот од кралското семејство, што е штета бидејќи тоа ќе биде толку спектакуларен настан“. Откако Хари потврди дека ќе присуствува на крунисувањето на 6 мај, упатените извори открија дека неговиот татко, кралот Чарлс, бил воодушевен.
„Кралот во минатото рече дека ги сака двата сина и тоа останува така. Хари длабоко ќе зажалеше ако не присуствуваше на церемонијата. Роденденот на Арчи беше совршен изговор за Меган да остане и сите работи да се земат предвид, тоа веројатно е за најдобро“, тврди неименуван извор.
Крунисувањето ќе биде прво јавно појавување на Хари со Чарлс, Камила, Вилијам и Кејт, откако ги критикуваше во неговите мемоари „Spare“, кои беа објавени во јануари.
Арчи ќе наполни четири години на 6 мај – истиот ден кога и крунисувањето.