Британскиот принц Чарлс добил куфер со еден милион евра во кеш од поранешниот премиер на Катар, пишува Sunday Times.
Весникот наведува дека ова е една од трите парични донации на шеикот Хамад бин Јасим во вкупен износ од три милиони евра.
Од Кларенс Хаус, палатата во која живее принцот Чарлс, беше кажано дека донациите на шеикот веднаш биле проследени до една од добротворните организации на принцот и дека биле испочитувани сите процедури.
Нема индикации дека плаќањата биле незаконски.
Според „Сандеј Тајмс“, принцот Чарлс лично добил три парични бенефиции од поранешниот премиер во периодот од 2011 до 2015 година.
Наводно во една прилика парите биле предадени во торба на состанок во Кларенс Хаус.
Весникот исто така објави дека парите биле во торбите на стоковната куќа Фортнам и Мејсон.
Во соопштението на Кларенс Хаус се вели дека „добротворните донации добиени од шеикот Хамад бин Јасим веднаш биле проследени до една од добротворните организации на принцот, која извршила соодветни проверки и увери дека се испочитувани сите потребни процедури“.
Средствата ги прими добротворната фондација на Принцот од Велс, која има за цел „да ги промени животите и да изгради одржливи заедници“, преку обезбедување помош за проекти во области како што се екологијата, образованието, здравството и социјалната вклученост.
Фондот изјави за „Сандеј Тајмс“ дека поверениците заклучиле дека донаторот е веродостоен и дека неговите ревизори ја потпишале донацијата.