Алиша Кис последните неколку години воопшто не користи шминка, ниту пак ја третира косата со бои и екстензии, а сè уште важи за една од најуспешните во бизнисот.
Тоа била и нејзината цел, да покаже дека талентираните луѓе остануваат успешни дури и кога немаат ниту грам шминка на своето лице. Пред три години пејачката одлучи дека ќе настапува само со својот природен изглед, а првпат го направи тоа на промоцијата на својот албум. Нејзиниот потег беше шок и за медиумите и за нејзините колеги.
„Шминкањето веќе не е едноставно. Комплицирано е и бара од вас да бидете уметници. А, на Инстаграм, ве чекаат дежурните критичари за да ви објаснат што не е во ред со боите, техниката и контурите“, изјавила своевремено пејачката.
Таа смета дека шминката е штетна за кожата ако се користи секој ден. Исто така, ретко ги прикрива и другите маани, било да се работи за акни или пак, ако покачи некој килограм. Алиша одбива да им робува на трендовите за изгледот, а често и на јавните настапи доаѓа сосема природна.