„Косовската полиција“ вечерва преку соопштение тврди дека се невистинити наводите на Министерството за одбрана на Србија, кои ги пренесоа српските медиуми, дека група тешко вооружени припадници на косовската полиција илегално ја преминале границата со Србија.
„Косовската полиција со цел да има правично информирање на јавноста реагира на неколку написи објавени главно во српските медиуми, а кои се однесуваат на соопштението на Министерството за одбрана на Србија, дека според нив, имало група на тешко вооружени косовски полицајци која неовластено ја преминала граничната линија со Србија. Ваквите пишувања споменати во соопштението на Министерството за одбрана на Србија се невистинити и неосновани“, се вели во соопштението на „Косовската полиција“.
Оттаму додаваат дека ваквите изјави и објавеното соопштение, како такво, претставуваат дезинформации чија цел е да се создаде несигурност кај граѓаните од околината и да се оцрни работата на „косовската“ полиција.
„Косовската полиција“, како доверлива и транспарентна институција, континуирано ќе се труди да дава официјални информации за медиумите и пошироката јавност, секогаш кога тоа ќе биде побарано од медиумите и јавноста, се додава во соопштението.