Следната година треба да започне снимањето на филмот за поп ѕвездата Мадона. Како режисер и косценарист, пејачката со години работеше на филмот, кој првпат беше најавен во 2020 година, но го одложи снимањето поради турнејата. Сега британските медиуми пишуваат дека ѕвездата избрала и актерка која ќе ја портретира.
Станува збор за Џулија Гарнер, најпозната по улогата на Рут Лангмор во криминалистичката драмска серија на Нетфликс, „Ozark“. Наградуваната актерка првпат беше вклучена во проектот во 2022 година, откако помина на исцрпувачка аудиција која траеше 11 часа. Меѓу актерките кои беа кандидати за улогата се Сиднеј Свини, Флоренс Пју и Ема Лерд.
Мадона го заврши настапот во Бразил минатиот месец и сега се фокусира на снимање биографски филм.
„Џулија е сè уште нејзиниот избор за главната актерка и тие останаа во контакт во текот на изминатата година. Разговараа за идеи”, изјави извор за The Sun.
„Имаме многу работа за да го избереме остатокот од актерската екипа, да го организираме снимањето и да го финализираме сценариото, но се надеваме дека ќе започнеме со снимање во следните 12 месеци“, додава изворот.
Во 2020 година, кога за прв пат беше објавен биографскиот филм, пејачката рече: „Сакам да им го пренесам на луѓето неверојатното патување на кое ме однесе животот како уметник, музичар, танчерка и човечко суштество кое само се обидува да го пронајде својот пат во овој свет“.
„Фокусот на овој филм секогаш ќе биде музиката. Музиката ме одржа во живот. Има толку многу нераскажани и инспиративни приказни, кој подобро да ги раскаже од мене“, додаде таа.
Познато е дека Мадона работи со Universal Pictures, откако минатата година ја објавија веста за одложување на снимањето поради нејзината турнеја.