Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Куманово при Регионалниот центар за гранични работи Север поднесе кривична пријава против Д.С.(35) од Крива Паланка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“.
-На 24.09.2023 околу 18.40 часот на влез во с.Четирце, кумановско, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот забележале како од патничко возило „опел вектра“, со скопски регистарски ознаки, излегуваат пет лица мигранти, по што возачот не застанал на знак за запирање даден од полициските службеници и го напуштил местото. На местото биле затекнати пет лица мигранти од Сирија кои биле сместени во Прифатно – транзитен центар Табановце за понатамошна постапка, се наведува во соопштението од МВР.
По преземени мерки и активности било констатирано дека кривичното дело го сторил Д.С., кој на 25.09.2023 бил лишен од слобода од полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица. Притоа, по извршени проверки било констатирано дека тој бил баран по потерница, врз основа на судска наредба за издржување казна затвор од девет месеци за сторено кривично дело „кражба“. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Кшање – Куманово за издржување на затворската казна.