Голема заедничка акција на европското обвинителство и бугарската полиција поради 120 случаи на злоупотреба на средства од ЕУ. Според бугарските медиуми се прават рации на неколку адреси низ државата.
-Приведени се поранешниот премиер Бојко Борисов, поранешниот министер за финансии Владислав Горанов, поранешната шефица на буџетската комисија при парламентот Менда Стојанова и поранешната шефица на владината информативна служба Севдалина Арнаудова, јавува БНТ.
-Никој нема да биде над законот!, напиша бугарскиот премиер Кирил Петков на својот Фејсбук профил.
Според БНТ, полицијата влегла во домот на поранешниот премиер во софиската населба Банкаја.
-10 полицајци се во неговиот дом во Банкаја и го претресуваат, рече сопартиецот на Борисов од ГЕРБ, Никола Николов.
Што се однесува до другите членови на ГЕРБ кои наводно се приведени, Николов рече дека оваа информација не е точна.