Проблемите во Судскиот совет ја „прелија чашата“: „Ставањето на проблемите под тепих ги подрива темелите на независноста на судството“

од Nikola Popovski
631 прегледи

Силни критики стигнаа од кралството Холандија после последните превирања и случувања во македонското правосудство. Амбасадор Дирк Јан Коп вчера испрати директни пораки и ја загрижи јавноста. Според него, Холандија замрзна проект со Судскиот совет, кое го опиша како „нелигитимно тело“. Исто така обвини дека има политичко влијание во изборот на Обвинителството за организиран криминал и во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители.

Очигледно дека веќе одамна е вклучен црвениот аларм во правосудството, а чашата е прелиена од страна на Судскиот совет. Универзитетската професорка Ана Павловска-Данева во разговор за „Локално“ вели дека ова тело после несносењето на никаква одговорност за незаконитото работење во однос на носењето одлуки, „повлекување” одлуки, затворање на седници за јавноста и слично, несомнено станува нелигитимен државен орган не само за холандскиот амбасадор, туку и за нашата стручна и општа јавност.

-Дури и законитоста на секоја негова идна одлука се доведува под прашање, се додека не се произнесе управното судство по однос на законотоста на одлуката за избор на претседател на Советот, како и обвинителството и кривичниот суд по однос на кривичната пријава поднесена од поранешната претседателка. Дополнително, изјавите на двете поранешни претседателки Црвенковска и Дамева за влијанијата кои се вршеле врз работата на Советот само ја потврдува неговата нелегитимност. Фактот што холандската амбасада ги прекинува сите проекти со Судскиот совет и се откажува од понатамошна помош на овој орган треба да ги поттикне пред се, судските авторитети, но и извршната и законодавната власт во државава да преземат итни мерки за менување на составот на Советот, објаснува Павловска-Данева.

Тоа значи, тврди професорката, да се потрудат да постигнат широк политички консензус за избор на нови членови на Советот од редот на навистина реномирани правници со докажан интегритет и стручност, а потоа и избор на нови судии како членови на Советот на местото на оние кои учествуваа во носење на незаконити одлуки.

-Во спротивно очекувам сериозна критика на состојбата во следниот Извештај на ЕК за прогрес на државава во евроинтеграциските процеси и што е уште полошо, дополнително зголемување на недовербата на граѓаните во судството и сите останати државни органи. Игнорантскиот однос и ставањето на проблемите и незаконитостите „под тепих“ уште повеќе ги подрива темелите на независноста на судството, владеењето на правото и правниот поредок во државава, децидна е Павловска-Данева.

И адвокатот Драги Пешевски се согласува со критиките од страна на холандската амбасада. Тој во изјава за „Локално“ истакнува дека Судскиот совет работи во својство на судиите.

-Републичкиот Судски совет функционира како невидлива канџа на партиите во судството и не верувам дека било која политичка гарнитура ке се откаже од таа привилегија, ни рече Пешевски.

Како што вели, секој коментар е излишен.

-Криминалот и корупцијата се гледаат од сите страни, само ние (тие) се прават како се да е совршено и како рози им цветаат, оценува Пешевски, но додава дека не е од оние кои се за комплетна промена на судиите.

-Така ке бидат променети и оние чесни судии кои се останати во судиските клупи. Пипците на политиката се толку навлезени во судското ткиво. Да доколку им се даде можност за избор на нови судии и тоа како ќе ја искористат, па ситуацијата наместо подобра ќе се влоши. Мора да се смисли нов начин како да се дојде до реална самостојност на судската власт како дел од трипартитната власт во Македонија, што е единствен начин правото да завладее и да имаме правна држава, заклучува адвокатот.

Н.П.

Слични содржини