Продажбата на автомобили „Тесла“ падна за околу девет отсто, паднаа и акциите

Акциите на „Тесла“ утрово паднаа за 5,5 отсто на 165,60 долари. Инвеститорите досега годинава ја намалија вредноста на компанијата за околу 34 отсто, продавајќи акции затоа што не веруваат во приказната за раст на „Тесла“ по падот.

од Бети Божиноска
219 прегледи

Продажбата на електрични автомобили на „Тесла“ драстично се намали во последниот квартал бидејќи конкуренцијата низ светот се зголеми, по што и нејзините акции паднаа за 5,5 отсто.

Компанијата со седиште во Остин, Тексас, соопшти дека од јануари до март испорачала 386.810 возила, што е за речиси девет отсто помалку од 423.000 продадени возила во истиот квартал минатата година. Продажбата не ги исполни очекувањата дури и на најпесимистичките аналитичари на Волстрит.

„Тесла“ за падот делумно го обвини воведувањето на ажурирана верзија на седанот Model 3 во фабриката во Фримонт, Калифорнија, затворањето на фабриката поради пренасочување на транспортот во Црвеното Море и подметнатиот пожар во еден од нејзините погони во Берлин.

Во писмото до инвеститорите во јануари, „Тесла“ предвиде „значително помал“ раст на продажбата оваа година. Во писмото се вели дека компанијата е меѓу два големи бранови на раст, едниот од глобалната експанзија на Model 3 и I, а другиот доаѓа од Model 2, новото помало и поевтино возило.

Минатата година, „Тесла“ драматично ги намали цените во САД, до 20.000 долари за некои модели. Намалувањата ги смалија и профитните маржи на компанијата, што ги исплаши инвеститорите.

Акциите на „Тесла“ утрово паднаа за 5,5 отсто на 165,60 долари. Инвеститорите досега годинава ја намалија вредноста на компанијата за околу 34 отсто, продавајќи акции затоа што не веруваат во приказната за раст на „Тесла“ по падот.

Во текот на кварталот, „Тесла“ загуби многу поради запирање на производството по пожар во фабриката во Берлин. Во САД, производството забави бидејќи Model 3 мораше да се надгради.

Испораките на Model 3 и I, кои се убедливо најпродаваните модели на „Тесла“, се намалија за 10,3 отсто на годишно ниво на 369.783, додека продажбата на другите модели на компанијата се зголеми за околу 60 отсто на 17.027.

Слични содржини