Продажбата на автомобили во Европа падна во септември

од Vladimir Zorba

Продажбата на нови автомобили во Европа падна во септември, пригушена од нестабилните германски и британски пазари, покажаа податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).

Во септември, 1,427 милиони нови автомобили се регистрирани во 27-те земји на Европската унија (без Малта, за која не беа достапни месечни податоци), за два отсто помалку од истиот месец минатата година, според ACEA.

Падот го објаснуваат со високата основа за споредба во септември минатата година, кога регистрирала најмногу нови автомобили откако почнале да ги следат податоците.

Тие укажуваат и на опаѓањето на побарувачката на одредени клучни пазари, особено во Германија, која во септември забележа пад од 3,3 отсто.

Падот делумно беше ублажен со продолжувањето на нагорниот тренд на италијанскиот и шпанскиот пазар, кои пораснаа за 8,1, односно 4,6 отсто.

Пад на побарувачката на нови автомобили е забележан во целата група „стари“ земји од ЕУ, за 2,7 отсто. Во „новата“ Европа побарувачката за нови автомобили благо забави, со стапка на раст од 9,3 отсто, по августските 10,9 отсто.

Во периодот од јануари до септември, побарувачката за патнички автомобили во ЕУ пораснала за благи 3,7 отсто, со речиси 11,7 милиони регистрирани нови автомобили, соопшти ACEA.

Од водечките пазари, продажбата најмногу пораснала во Италија за 9,0 отсто и во Шпанија за 6,7 отсто. Франција и Германија забележаа послаб раст на продажбата, за 3,9 и 2,2 отсто, соодветно.

А во набљудуваниот период моторот на растот на европско ниво беа „новите“ земји од ЕУ, со скок во продажбата на нови автомобили за 13,8 проценти. Во „старата“ Европа порасна за скудни 2,9 отсто.

Слични содржини