Продажбата на LABUBU надмина 100 милиони во 2025 година, три кукли се продаваат секоја секунда!

Кинеската компанија Pop Mart денес објави дека продажбата на нејзината најпозната кукла Labubu надмина 100 милиони парчиња низ целиот свет во 2025 година, со што го зацврсти својот статус како глобален културен феномен

од Vladimir Zorba
8 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ POP MART

Кинеската компанија Pop Mart денес објави дека продажбата на нејзината најпозната кукла Labubu надмина 100 милиони парчиња низ целиот свет во 2025 година, со што го зацврсти својот статус како глобален културен феномен.

Според податоците објавени од основачот на компанијата Ванг Нинг, побарувачката за овие карактеристични кукли достигна неверојатни размери, со просек од три играчки Labubu продадени секоја секунда, се вели во соопштението.

Вкупната продажба на сите брендови во рамките на групацијата Pop Mart надмина 400 милиони единици, потврдувајќи ја доминацијата на кинескиот креативен сектор.

Pop Mart денес работи во повеќе од 100 земји и региони, има над 700 продавници, шест големи производствени и логистички бази и повеќе од 10.000 вработени, додека бројот на регистрирани корисници во апликацијата надминува 100 милиони.

Аналитичарите велат дека резултатите означуваат клучна промена во економијата на Кина, бидејќи фокусот се префрла од традиционалната етикета „Made in China“ кон модерната „Created in China“.

Кинеските компании повеќе не се само центри за производство со ниски трошоци, туку создаваат и оригинални идеи и диктираат трендови од Берлин до Шангај, објави „Глобал тајмс“.

„Хире груп лимитед“, со седиште во Пекинг, соопшти дека нивниот бренд за кукли Vakuku генерирал 89,73 милиони јуани (околу 12,5 милиони долари) приходи во последниот фискален квартал, при што е забележана силна продажба за брендовите Zijuli и Sinono.

Кинескиот малопродажен синџир „Минисо“ планира да ја прошири својата мрежа на 10.000 продавници низ целиот свет во следните три години, со цел да им помогне на 100 кинески брендови да влезат на странските пазари.

Според новинската агенција „Синхуа“, извозот на кинески кукли и тематски играчки во првите три квартали од 2025 година надмина 500 милијарди јуани.