Глобалната продажба на Мекдоналдс падна за прв пат по речиси четири години, бидејќи потрошувачите под притисок на инфлацијата се свртеа кон поевтини опции и оброци дома. Компанијата соопшти дека очекува продажбата да остане слаба во следните неколку квартали и дека работи на нови ставки од менито и понуди за оброци. Во вториот квартал приходите беа на ниво од 6,5 милијарди американски долари.
– Потрошувачите сè уште нè препознаваат како лидер во споредба со нашите клучни конкуренти, но јасно е дека овој јаз неодамна се намали – изјави извршниот директор на Мекдоналдс, Крис Кемпчински.
Продажбата на локациите отворени најмалку една година падна за еден процент во периодот април-јуни, што е прв пад од крајот на 2020 година, кога пандемијата затвори продавници и милиони луѓе останаа дома.
Во САД, продажбата падна за речиси еден процент. Исто така, според Гардијан, оние кои дошле во ресторанот трошеле повеќе поради поскапите цени.
Нето приходот на компанијата падна за 12% на 2 милијарди долари или 2,80 долари по акција. Тоа беше далеку од заработката од 3,07 долари по акција што ја предвидуваа индустриските аналитичари.
Во мај, извршниот директор на Мекдоналдс, Џо Ерлингер, во отворено писмо изјави дека цената на Биг Мек е зголемена за 21% од 2019 година.
Намалувањето на продажбата не влијае само на гигантот за хамбургери од Чикаго. Сообраќајот на клиенти во американските ресторани за брза храна падна за два отсто во првата половина од годината во споредба со истиот период пред една година, покажуваат податоците на Circana, компанија за истражување на пазарот.
Дејвид Порталатин, консултант за прехранбена индустрија Circana, очекува високата инфлација и зголемениот потрошувачки долг, исто така, да го забават прометот во втората половина на 2024 година.
Мекдоналдс, исто така, објави намален сообраќај во продавниците во Франција и на Блискиот Исток, каде луѓето го бојкотираат синџирот поради перцепциите дека го поддржува Израел во војната во Газа.
Компанијата, свесна дека клиентите уморни од инфлација бараат подостапни опции, се обидува да воведе специјален оброк од 5 долари во американските ресторани, но продажбата не ги исполни очекувањата.