Нападот со нож врз Салман Ружди во Соединетите Држави го поттикна јавниот интерес за неговите дела, особено неговиот роман „Сатански стихови“ од 1988 година, за кој доби смртни закани пред триесет години и чија продажба порасна во саботата.
Поради таа книга, Иран издаде фатва против него во 1989 година.
Во саботата попладне, три изданија на делото беа на врвот на листата на најпродавани книги на Амазон, која ги следи книгите чија продажба најмногу се зголеми во последните 24 часа. На четврто место е првиот бестселер на авторот „Полноќни деца“.
Нападот, кој ја згрози светската јавност и наиде на осуда, се случи во петокот во мало гратче во американската држава Њујорк.
Неколку негови наслови веднаш беа продадени во познатата њујоршка книжарница „Странд“, не вклучувајќи ја онлајн продажбата.
На Твитер корисниците повикаа да се купуваат делата на Ружди во знак на солидарност со него.
„Сатански стихови“ раскажува за авантурите на двајца Индијци чиј авион е цел на терористички напад и кои се наоѓаат на плажа во Англија. Првиот има форма на архангел, а вториот Сатана.
Во приказната, авторот на блудниците им ги дава имињата на жените на пророкот Мухамед. Покрај тоа, тој го создава ликот на пророкот Махунд, кој под влијание на Луцифер признава дека може да се обожаваат и други богови, покрај Алах, но подоцна ја сфаќа својата грешка.
Салман Ружди, прободен со нож во вратот и стомакот, во саботата бил примен во болница во Пенсилванија во тешка состојба.