Вработените во француските рафинерии „Ексон Мобил“ и „Тоталенерџи“ денеска го продолжија штрајкот, изјавија за Ројтерс претставници на синдикатот на двете компании.
„Штрајковите продолжуваат насекаде“, рече претставник на левичарскиот синдикат ЦГТ, додавајќи дека немало контакт од вчерашниот повик на синдикатот газдите на компаниите да започнат преговори за платите.
Повеќе од една петтина од француските бензински пумпи имаа проблеми со снабдувањето во текот на викендот бидејќи штрајковите ги прекинаа четирите главни рафинерии во земјата.
Властите во северниот француски град Лил во четвртокот соопштија дека штрајковите на работниците влијаат на дистрибуцијата на гориво во градот и околните области.
Во соопштението се наведува дека работниците кои штрајкуваат ги блокираат депоата и дека француската влада е подготвена да се обиде да ги отстрани блокадите, пренесе Ројтерс.
Владата во Париз во средата соопшти дека Франција ги искористила своите стратешки резерви на гориво за снабдување на бензинските пумпи кои пресушија поради штрајковите на работниците во рафинеријата и депоата, кои го намалија производството и ја блокираа испораката.