Продолжи судењето за убиствата на Вања и Панче: Како GPS-апликацијата и снимките од камерите водат до нови траги?

од Илинка Илиоска
1,3K прегледи

Во Кривичниот суд во Скопје денеска сведочеше Гоце Трајковски, клучниот сведок во случајот со убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Тој сведочеше за неговото вклучување во истрагата и потенцијалните докази што ги открил.

Трајковски изјави дека добил закани по живот од членови на партијата „Десна“ и дека бил предупреден да внимава што ќе каже во судницата. „На обвинетите им порачувам да не се закануваат“, рече тој во својот исказ.

Сведокот детално опиша како се вклучил во потрагата по Вања и како се обидел да дојде до снимки од безбедносните камери во околината на нејзиниот дом. Според него, едно лице од „Сејв сити“ му кажало дека е необјасниво како во критичниот период нема ниту една снимка од Вања.

„На 28 ноември 2023 година, со Александар Ѓорчевски се сретнавме пред неговата зграда. Ми рече дека никогаш не се случило да ја нема Вања цел ден. Почнавме да ги бараме снимките од околните објекти. На снимките од фризерницата во близина ја немаше Вања, иако GPS-апликацијата што ја имале со нејзината мајка Зорица покажуваше дека поминала од таму. Ги анализиравме возилата и забележавме еден ‘цитроен’ кој се движеше значително побавно од останатите, а беше забележливо дека моторот му е студен. Кога испратив слики од автомобилите кај лице во ‘Сејв сити’, ми кажаа дека токму тој ‘цитроен’ веќе неколку дена го бара полицијата, бидејќи припаѓал на исчезнато лице од Велес.“ – сведочеше Трајковски.

Одбраната на Александар Ѓорчевски изјави дека е задоволна од сведочењето. „Сведокот даде исказ кој не го компромитира Александар. Конечно се слушна целосната вистина“, изјави неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ.

Спротивно на тоа, одбраната на Љупчо Палевски го оспори сведочењето на Трајковски. Во текот на рочиштето, адвокатот Јовица Страшевски и неговиот клиент Палевски добија опомени од судот. Одбраната на Палевски повторно побара изземање на судијата Ивица Стефановски, но судот го одби барањето.

Следното рочиште е закажано за 14 февруари.

Слични содржини