Продолжуваат протестите за случајот во Клиниката за онкологија, се бара забрзување и проширување на истрагата

од Radmila Tasevska
306 прегледи

Засегнати лица од случајот со Клиниката за онкологија и вечерва протестираа пред Јавното обвинителство. Нивното најважно барање е истрагата да биде брза и како што велат, да не трае со години особено во делот на лекарствата коишто се доведени во прашање за да можат тие што се најзасегнати да знаат како да го продолжат своето лекување за да си го спасат својот живот.  Некои од нив бараат проширување на истрагата и во лекување на деца со вакви заболувања, затоа што, како што тврдат, и таму се соочуваат со недостиг на лекови, но бараат и поголема поддршка од сите граѓани.

-Ние се собираме секоја вечер од 19 часот, не сме ниту партија ниту здружение, едноставно се повикуваме преку електронски медиуми сите што сме засегнати од рак, за да можеме да го кажеме своето барање и да си ја добиеме правдата затоа што меѓу нас има што се уште се лечат, има некои што завршиле, но имаме и многу што ја загубија битката токму поради тоа што не знаеме со што биле лечени, истакна во изјава за МИА Елизабета Ристовска, учесник на протестот.

Нивните барања, како што посочи Ристовска, да се истражува години наназад за да се дознае колку години се случувало ова во Клиниката за онкологија, детални испитувања на историите на пациентите, да се прецизира кои профили на доктори се во составот на комисијата назначена за испитување, листата на лекови, односно дали станува за венска или таблетарна терапија и веродостојноста на терапијата, да се одберат онколошки пациенти по случаен избор кои ќе имаат континуиран увид во истрагата и од истрагата ќе сведочат за веродостојноста на таа спроведена истрага, вклучување на претставници од сите политички партии за да не се заврши сето ова со политички коментар.

Наталија Тодоровска исто така ја изгубила својата 14 годишна ќерка во 2017 година, по двегодишна тешка борба со леукемија. Таа исто така истакна дека често пати имало недостиг на хемотерапија и бара Јавното обвинителство да ја прошири истрагата и во Детска онкологија.

-Таму имаше исто малверзации, имаше деца кои починаа поради недостаток на хемотерапија. Дури и тоа што оди со целиот хемоблок ние како родители го купувавме, вели Тодоровска.

Тие бараат да се добие вистинска слика за тоа што се случувало, за да може во иднина да се врати довербата во здравството.

– Да бидеме реални, не е ова проблем само на Онкологија, значи секоја клиника во Македонија во еден дел е зафатена од некаков скандал. Но, исто така имаме и прекрасни доктори, грижливи сестри и болничари и не може сите да бидат таргетирани како општо зло. Да се одвои и да се знае кој го направил ова, затоа што ако ние не го обелиме образот на тие сестри и доктори коишто живот даваат за да помогнат, ние никогаш нема да имаме пациенти кои ќе одат со доверба на Онкологија, додаде Елизабета Ристовска.

Изјавите на директорката на Клиниката за онкологија дека постојано имало терапија таа ги оцени како неточни наведувајќи дека ги поседува извештаите кога немало Херцептин и дека токму поради тоа таа има метастази на белите дробови, затоа што, како што појасни, тоа е лек што се прима на 21 ден како хемотерапија и ако се прекине таа низа треба да се почне од почеток. Истакна дека таа самата имала периоди од 48 дена, 57 дена без терапија токму поради недостиг на Херцептинот.

Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи интензивно преземаат дејствија за проверка на наводите за Клиниката за онкологија, меѓутоа со оглед на фазата во која се наоѓа постапката обвинителството не е во можност да споделува детали, информираа вчера од Обвинителството за текот на постапката за Клиниката за онкологија.

-Меѓу останатите бројни дејствија, во континуитет се вршат распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија. Исто така, отпочнати се и дел од анализите на прибраните материјални докази, посочија од ЈОРСМ.

Слични содржини