Продолжуваат судирите во Картум

од Radmila Tasevska
220 прегледи

Воздушни и вооружени напади, како и експлозии денеска го тресат Картум, додека насилството во Дарфур во западен Судан го тера населението да бега, повеќе од два месеци по почетокот на војната во Судан.

Судирите во Судан избувнаа на 15 април меѓу суданската армија и паравоените единици предводени од двајца ривалски генерали.

Земјата е во хаос по избувнувањето на крвавата борба за власт меѓу началникот на армијата Абдел Фатах ал-Бурхан и неговиот ривал Мохамед Хамдан Дагал, кој ги предводи паравоените сили за брза поддршка.

Цел на воздушни напади денеска беше квартот Јармук во јужниот дел на Картум, каде што „има цивилни жртви“, соопшти локалниот комитет за отпор, во кој се вклучени активисти за помош на жителите на суданскиот главен град.

Во јужниот дел на Картум се слушало пукање од „различно оружје“, а во северните предградија се слушал „ракетен и тежок артилериски оган“.

Цели делови на Картум се без вода, додека електрична енергија има само неколку часа неделно.

Подеднакво алармантна е состојбата и во регионот Дарфур, каде „беснее насилството“, предупреди денеска меѓународната невладина организација Лекари без граници.

Според ОН, повеќе од 149.000 луѓе побегнале во Чад од почетокот на борбите.

Невладината организација АЦЛЕД соопшти дека во текот на двомесечната војна во Судан загинале повеќе од 2.000 луѓе.

Слични содржини