Проекциите за економски раст и инфлација се очекувани. Можеме ли подобро?

од Radmila Tasevska

Проекцијата на ЕБОР за 2%раст на БДП на македонската економија во најголем дел се совпаѓа со очекуваните бројки на домашните експерти. Параметрите остануваат непроменети, а меѓу нив како основни професорот Марјан Петрески ги посочува  тековниот амбиент во којшто имаме инфлација која се намалува, но  сеуште останува релативно висока, како и продолжена неизвесност на европското тло од конфликтот во Украина.

“Во расположливите домашни податоци за БДП, видовме извесно забавување на растот во вториот квартал и моето лично согледување е дека тоа забавување ќе опстои и во следните квартали, што севкупно ќе резултира со раст за 2023 кој е и нешто понизок од 2%. Главно, ваквото забавување сега е водено од надворешната побарувачка, која ослабува под влијание на забавувањата на повеќе економии во еврозоната, и особено Германија која е наш главен трговски партнер. Значи, изгледите за економијата се за нијанса посиви во однос на она што се проектираше на крајот од минатата година, меѓутоа во моментов не очекувам дека ќе влеземе во техничка рецесија’’, вели Петрески за Локално. Сето ова, според него, е сосем логично во услови на затегнување на монетарната политика, чија примарна цел е зауздување на инфлацијата која постепено се постигнува, но за сметка на очекуваното забавување на реалната активност.

Главниот извршен директор на Македонија 2025, професорката Никица Мојсоска Блажевски ја  предочува и потребата од поинакво согледување на досегашните  проекции и анализи во однос на очекуваниот процент на економски раст. Според неа, разговорите околу 2% стапка на раст, или 1.5% или 2.5% немаат никаква смисла и ефект врз нас во услови на  како што вели се понизок животен стандард кој во голема мерка заостанува зад европскиот просек. “Мора да изнајдеме подобар модел за раст. Растот мора да биде воден од раст на продуктивност што ќе доведе до раст на плати (наспроти вештачки раст на плати), да ја менуваме структурата на економијата кон повисоки технологии, да експериментираме и да бидеме иновативни во спроведување на паметни политики и тн. За жал, јас не можам да видам силна визија за иднината, можеби грешам.’’, вели Мојсоска Блажевски за Локално.Како неопходни предуслови во овој процес наведува неколку:Намалување на бирократијата за бизнисите, дизајнирање паметни политики за инвестиции од дијаспората, привлекување финансиски средства и умови од странство, создавање и  искористување на човечкиот капитал  итн.

Глобалниот економски раст и зауздувањето на инфлацијата и во следниот период ќе бидат предизвик за сите светски  економии  и тоа како резултат на сите  досегашни кризи меѓу кои основни се   војната во Украина , скапата храна, како и миграцијата на младата работна сила која е особено карактеристична во земјите од Западен Балкан.НБРМ неоднамна излазе со став дека инфлацијата и оваа  како и следната година ќе биде над прогнозираните бројки поради што   приоритет на централните банки треба да биде водење на претпазлива монетарна политика со цел намалување на ифлациските притисоци на трајна основа.

К.В.С.

Слични содржини