По повод 7 Април, Светскиот ден на здравјето претседателот на Лекарска комора на РСМ, проф. д-р Калина Гривчева – Старделова во соопштение до јавноста вели дека во периодот што измина исплива на површина потребата за преземање конкретни чекори за воспоставување и овозможување пристап до квалитетни здравствени услуги без соочување со финансиски потешкотии за секој поединец во општеството..
„Здравјето е основно човеково право, а секоја личност заслужува да живее здрав живот без оглед на возраст, пол, етничка припадност, економска состојба. Во годината што ја оставивме зад нас во услови кога светска пандемија предизвикана од ковид-19 ги атакуваше сите сфери на општественото живеење, повеќе од било кога стана јасно колку е важна грижата за здравјето и улогата која ја има здравствениот систем во поширокиот контекст на живеењето.
Во периодот што измина се соочивме со многу предизвици во менаџирањето на сите нивоа на здравствениот систем, со дел од нив тековно се справивме, но дел ќе треба да се разгледаат и разрешат во периодот кој следи. Воедно, исплива на површина и потребата за преземање конкретни чекори за воспоставување и овозможување пристап до квалитетни здравствени услуги без соочување со финансиски потешкотии за секој поединец во општеството.” – вели д-р Гривчева