Можеме да констатираме дека и сега состојбите и случувањата во Русија и Украина би можеле да бидат токму иницијални и резултат на планирани дефокусирања од актуелниот момент. Затоа може да се смета дека токму појавата на „војна“ помеѓу Русија и Украина може да бидат поврзани со сегашниве состојби на неколку од поодамна постојни конфликти, но чувани со активно учество на одредени меѓународни фактори, оценува во разговор за „Локално“, професорот од Факултетот за безбедност Злате Димовски за новиот конфликт меѓу Хамас и Израел.
Според него, основните недоразбирања доаѓаат со процесите на зголемен субјективизам од страна на одредени нации и држави.
-Очигледна е неможноста на меѓународните организации особено на ООН, да влијае на одредени кризни состојби и случувања. Глобализацијата очигледно дека им пречи на одредени фактори и настојуваат да ги насочат заканите и да настојуваат да прават кризи и кризни состојби. Досегашниот тренд на предизвикување на кризи одеше во најголем на случаи преку различни форми на терористички напади, кризи преку закани со промоција на сила, зголемено присуство на воени сили на границите или простори со незавршени конфликти и сл. Овие се места каде со многу мал напор и иницијалност може да се постигне амбиент на нетрпеливост, конфликт, одреден пресметан или непресметан период на напади и покасно повторно покажување на силата на убедување на надворешни фактори или авторитети, кои најчесто „успеваат“ да постигнат смирување на состојбите и наметнување на времен мир. Секако дека и комуникацијата на екстремните елементи во одредени држави и територии остваруваат конспиративна комуникација со „помагатели“ кои ги држат на „копче“ околу можностите за насилен екстремизам, тероризам и други појави на делувања кои спротивни на уставните уредувања во државите, истакнува Димовски.
Потенцира дека терористичките групи и движења во одредени точно пресметани периоди настапуваат со испланирани активности, но највероватно истите своите конспиративни заложби ги реализираат независно дали се пројавуваат или не. Тврди дека предноста е на нивна страна во правец на подготовка, набавка на оружје, градење на стратегии за напад и делување во периоди на пресметани кризи.
-Така и военото крило на Хамаs, иако во многу наврати се пројавуваше со дејствија, сега веќе, очигледно после добри планирања и подигнување на конспиративноста на највисоко можно ниво, успева да се вооружи и испланира делување со што ја изненади една држава како Израел, која посебно внимание посветува на безбедноста и одбраната. Ова докажува дека долг временски период палестинските милитанти се подготвувале, но претходно обезбедиле и доста воена опрема за да може да делува како во сегашниот момент. Се наметнува прашањето кој, како, зошто и од каде ги снабдил со толку воена опрема за да имаат толку огнострелна моќ. Моментот на изненадување исто така доста умно го искористиле, момент кога сите меѓународни фактори се преокупирани со Украина и со исходот од таа војна. Исто така и неколкуте нови воени жаришта се фокус на интерес, така што „опуштеноста“ и дефокусот од своите приоритети многу ќе ги чини израелските граѓани и авторитети, појаснува професорот.
Ваквите состојби, на практично навраќање во периоди на решавање на нерешени прашања со воена интервенција, додава соговорникот, со војување и губење на човечки животи, очигледно е дека ќе иницираат и други фактори кои сметаат дека имаат право надвор од легитимните територии и правила да делуваат за да ги постигнат своите цели.
Околу заострувањето на односите внатре во Косово, особено од аспект на нашата безбедност, Димовски вели дека треба да не загрижи и да не стави во состојба на готовност.
-Доколку ги земеме низата на мегаломански барања на одредени поединци и групи на класичен националистички начин, нивната постојана вербална тензија и планови за заокружување на одамнешни замисли за обединување на територии и простори, даваат дополнителна загриженост, но и повикуваат на претпазливост. Состојбите околу нас многу лесно можат да ескалираат, да се инсценира и реализира судир за што ние и без наша волја би биле инволвирани, што бара алокација на сили и средства во безбедносно-разузнавачките сили и секојдневна анализа на состојбите, порачува професорот од Факултетот за безбедност.
Германија, САД, Велика Британија, Франција и Италија доцна во ноќта објавија заедничка изјава во која ја потврдуваат солидарноста со Израел, по терористичките напади на исламистичката палестинска организација Хамас. Заедно, тие изразија „постојана и обединета поддршка“ за Израел „и недвосмислена осуда на Хамас и неговите ужасни акти на тероризам“.
Десетици израелски воени авиони нападнаа повеќе од 200 цели во Газа во текот на ноќта, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ). Целите биле во населбите Римал и Кан Јунис во густо населената крајбрежна енклава, од каде, според ИДФ, дошле голем број напади врз Израел. Според палестинското Министерство за здравство, досега во бомбашките напади загинаа најмалку 687 луѓе, меѓу кои десетици деца и жени, а илјадници се повредени. Голема израелска офанзива, како што е копнена инвазија на Газа, се очекува во текот на наредните денови.
Високиот палестински функционер на Хамас, Али Баракех, изјавил за АП дека само мал број врвни команданти во појасот Газа знаеле дека се подготвува голем напад врз Израел, но дека сојузниците како Иран и либанскиот Хезболах ќе се приклучат доколку борбите прераснаат во „војна за уништување“. Тој објаснил дека Иран и проиранскиот Либан претходно му помагале на Хамас, кој произведува ракети и ги обучува своите борци од војната со Израел во 2014 година.
Н.П.