Евакуирани деца и наставници, растрчани родители, ослободени вработени од работа. Ова е најчестата слика во С. Македонија од 26-ти октомври 2022 година од кога за првпат започнаа да пристигнуваат лажните закани за поставени бомби низ повеќе објекти во земјава. Дојави и денеска повторно ги испразнија училиштата во Скопје. Иако досега сите вакви пријави се покажаа како лажни, сепак кај граѓаните преовладува револт и се бараат итни мерки. Надлежните во повеќе наврати повторија дека ваквите немили сцени се дел од хибридните закани со кои се соочува нашата држава и дека речиси е невозможно да се открие кој ги праќа бидејќи се преку т.н. WPN врски хостирани во странство.
Дел од јавноста го поставува прашањето дали треба да отрпнеме и повеќе да не реагираме на ваквите дојави. Според проф. д-р Атанас Козарев, претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност, загрижуваат две работи: интензитетот и континуитетот на лажните дојави за бомби. Тој во разговор за „Локално“ истакнува дека живееме и функционираме во дигитален свет.
-Информатичката технологија продонесе во многу да се подобри животот на современиот човек. Но, нејзината злоупотреба за злонамерни цели станува наша реалност.
-Постои определена динамика во таа смисла која се состои во проширување на институциите кои се таргет на оваа негативна појава: училишта на централно и локално ниво, универзитети, државни имституции, па се до станбени објекти. Значи, никој не е имун од овие лажни дојави. Целта е повеќе од јасна: да се наруши вообичаениот начин на живот и работа и истиот да се замени со вознемиреност, страв, хаос! Нашите безбедносни институции се на висината на задачата и вложуваат сериозни напори за оваа нова безбедносна закана, проценува Козарев.
Според него, игнорирањето на лажните дојави за бомби е во интерес на нивните предизвикувачи.
-Што би се добило со игнорирање? Едноставно ќе се испрати порака дека не сме подготвени да го имплементираме системот. Паниката и вознемиреноста повторно ќе постојат кај учениците и другите субјекти кои се таргетитани и изложени на оваа опасност. Безбедносните институции, а посебно Бирото за јавна безбедност во реакцијата и превземените мерки и активности ја зголемија безбедноста преку детална проверка на секој случај и елиминирање на секоја лажна дојава за бомба. Вие како медиуми секојдневно имате прилози на кои се гледа како полицијата излегува на терен, постапува согласно законот и со тоа им испраќа порака на граѓаните дека нивната безбедност е приоритет за Бирото за јавна безбедност! Значо, ги отфрлам паушалните пораки од поединци за самореакција, затоа живееме во држава во која има систем и капацитет за ефикасна и ефективна реакција, вели Козарев.
Додава дека ваквиот хаос остава и удар на нашата економија.
-Ако се има во вид дека пред се таргет се училиштата во кои учат голем број ученици, секако дека има импакт во економијата. Имено, со прекинот на настава се прекинуваат и други деловни процеси. На пример, ако еден мал деловен субјект дневно продава 500 гевреци и исто толку јогурт за време на одморите помеѓу часовите, со лажните дојави за бомби учениците си заминуваат дома или на друга локација, а со тоа трпи штета тој деловен субјект чии што производи остануваат непродадени. Безбедносните ризици и закани по дефиниција се поврзани со националната економија. И оттука, потребно е да истражуваат овие параметри кај нас и да се изведуваат заклучоци, оценува соговорникот.
Козарев е дециден дека почитувањето на безбедносните стандарди треба да биде консеквентно.
-Превенцијата значи антиделиктно постапување. Во овие случаи се дејствува постделиктно откога ќе се појави лажната дојава за бомба. Нашите граѓани имаат искуство да се справуваат со овие појави на индивидуално ниво. Информатичката технологија потребно е даде одговор на ова прашање. Конкретно, апелирам да се зголеми нивото на приватна безбедност во институциите, приватното обезбедување да ги зголеми капацитетите и да остварува подобра соработка со полицијата, бара претседателот на Асоцијацијата за корпоративна безбедност.
Н.П.