Тажни денови за земјава. Македонија е во тага и неверување по веста за грозоморното убиство на младата Вања. Во вакви моменти, многу е важна и душевната болка, која може да доведе до трауматични моменти кај целото општество, особено најмладите. Професорката по психологија, м-р Николина Ивановска Котевска објаснува дека справувањето со трауми предизвикани од загуба на блиска личност или загуба од ваков сензитивен карактер како што за жал сведочиме се состои од неколку фази.
Во разговор за „Локално“ открива дека првата фаза е „фаза на алармирање“. Во овој случај тоа беа моментите кога преку медиумите дознаваме за информациите поврзани со случајот.
-Следната фаза е „фаза на отпор“. Во овој момент веројатно најголемиот дел од македонска јавност се наоѓа токму во оваа фаза. Ова е фаза кога имаме потреба да рационализираме, да бараме објаснување за причините кои довеле до еден ваков грозоморен чин и важно е да знаеме да направиме разлика помеѓу релевантни и ирелевантни извори од кои ги примаме информациите со цел да го намалиме стресот. Во оваа фаза (во зависност од тоа на кој начин ги доживуваме информациите кои ги добиваме) се јавуваат и одредени емоции како тага, страв, се јавува вознемиреност, паника, а интензитетот на овие емоции варира од многу фактори. Доаѓа и до физиолошки промени на телото како срцебиење, покачување на крвниот притисок, болки и стегање во градите, забрзано и плитко дишење и останати пропратни симптоми кои се дел од физиолошката екситација на организмот, посочува Ивановска-Котевска.
Како што истакнува, за надминување на овие трагични моменти, за справување на секој еден кој има потреба да се справи со горенаведените емоции и состојби, особено родителите во Македонија, но и децата кои дошле до информациите, како совет наведува дека со децата (оние кои знаат за случајот) треба да се разговара отворено на оваа тема, да се објасни дека ова е еден изолиран случај, дека има сериозна позадина која и не е така наивна и можноста да се случи на секој еден од нас и не е така голема. Едноставно треба да се објасни дека сме безбедни.
-Да се разговара како тие се чувствуваат, кои емоции ги имаат, да се објасни дека е нормално и очекувано да се чувствуваат тажни, а доколку има појава на емоција страв да се детектираат точните причини кои го предизвикуваат тој страв, па потоа на соодветен начин да се разгледа колкава и каква е веројатноста да се случи секоја една можност поврзана со таа одредена причина. Дајте му до знаење на детето дека сте достапни и отворени за разговор. Освен отворен разговор, за надминување на емоциите помагаат и одредени ритуали како што се: оддавање на почит на личноста со потпишување во книга на жалост, палење свеќа итн.. Охрабрете ги децата доколку чувствуваат потреба да се обратат и на училишниот психолог, како и на останати стручни психолози, потенцира професорката.
За вакви слични за жал примери, додава Ивановска-Котевска, превенцијата и во Македонија и надвор од границите треба да е насочена кон едукација на родителите и децата за како да препознаат секаков вид на опасност, секаков вид на насилство, да препознаваат закани и да се насочат како да се справат со нив, каде и како да ги пријават, да се едуцираат за начини за превенирање на можни опасности од криминални и останати дејствија.
Повторува дека ова е изолиран случај, веројатно прв и последен со вакво сценарио, па оттука е рано да се зборува и за превенција на идни можни слични настани од ваков карактер.
-Како магистер по безбедност и како професор по психологија сметам дека превенцијата во ваков или сличен случај треба да е насочена повеќе кон безбедносен карактер (навремено превенирање, откривање и справување со можни деликти) отколку во превенција на психичките реакции и начини на справување со истите кај луѓето, заклучува Ивановска-Котевска.
Н.П.