Проф. по психологија за „Локално“: Цената која ја плаќаат нашите деца од „трулоста“ на целиот образовен и безбедносен систем е огромна

од Nikola Popovski
387 прегледи

Вандализам и дивеење – вака може да се опишат вчерашните снимки што ги објавија од општина Центар за загрижувачкото однесување на младите. Камерите на мобилните телефони, на жители од скопски Капиштец, фатија млади момчиња и девојчиња како кршат дел од реквизитите на игралиште, а дополнително било обиено и местото каде се чувала опремата за хортикултурно одржување на населбата и биле украдени и искршени лопати, гребла и дувалки.

Според експертите агресивното однесување на малолетниците е сплет на неколку фактори, воспитувањето на родителите, образовниот процес и медиумското влијание. Упатените велат дека децата кои тоа го прават сакаат да пратат порака дека им треба повеќе внимание како од родителите, така и од професорите.

Каква порака испраќа младината?

За тоа каде е коренот на агресијата и што може да се направи за сликата да се подобри, „Локално“ поразговара со професорката по психологија, м-р Николина Ивановска-Котевска. Според неа, за жал, она што може да го видиме од видеото е застрашувачко. Верува дека станува збор за одредена група на личности со одредена психолошка абнормалност или под дејство на одредени супстанци, бидејќи огромната количина на агресија која може да ја забележиме од видеата, а неслучајно насочена токму кон детски реквизити, верувам, додава професорката, дека си има своја психолошка позадина.

Николина Ивановска-Котевска

Сепак, истакнува дека не би генерализирала дека имаме агресивна младина, бидејќи, како што вели, Ивановска Котевска, станува збор за одредена група на лица со деструктивно и деликвентно однесување.

-Уште позастрашувачки за мене е фактот кој може да го проследиме од медиумите и изјавата на градоначалникот на општината дека ова не е прв ваков вандализам, туку често се повторува. Оттука ми се отвора прашањето „Зошто до сега не е реагирано во насока на санкционирање на групата!?“ Деликвентни групи имало и ќе има, а кога нешто се повторува и не се санкционира ниту превенира, пораката би била дека цената која ја плаќаат нашите деца од „трулоста“ на целиот систем и образовен и безбедносен е огромна, објаснува професорката по психологија.

Според неа, „станува збор за личности најчесто со тешкотии во емоционално и социјално созревање, преживеани стресови и трауми, недостаток на самопочит, негативна идентификација (во делот каде на видеото може да забележиме една личност како игра со дувалка за листови, мене многу ми наликува на настап на една „позната ѕвезда“ од соседството која настапува и кај нас, а публиката се претежно тинејџери), негативно влијание на врсници, но и намалена комуникативност, желба за доминација, некритичност, недоверливост, садистичко-перверзни стремежи, отсуство на вина и срам, непочитување на авторитети“.

-Освен карактеристиките на личноста влијание има и самата социјална средина, општествено-економската состојба во државата, но најважен и клучен фактор секогаш има семејството. Во семејство каде има пореметени односи, презафатеност на родителите со бизнис или престој во странство, има конфликти, агресија, одреден вид на насилство, запоставување или занемарување на децата, очекувано е дека постои можност младите лесно и брзо да се вклучат во криминалните активности, посочува соговорничката.

На прашањето како да се спречи тоа што во последно време е модерно средношколците и основците да прават глупости, да се снимаат и да ги објавуваат снимките на социјалните мрежи, Ивановска Котевска потенцира дека е голем противник на отсуството на контрола во она што го гледаат младите на социјалните мрежи од страна на родителите и околината. Според неа, најважен и клучен фактор е контролата од родителите или старателите.

-Но сепак, сите чинители на општеството имаме одредена одговорност како во превенција така и во секундарната превенција односно во градење на стратеија со која би се намалиле можностите за појава или рана идентификација на ризички фактори или деца под ризик, како и терцијална превенција која би опфаќала третман и рехабилитација на регистрирани случаи на деца сторители на кривични дела, заклучува професорката.

Современите образовни трендови ставаат акцент токму на негување на воспитните компоненти во образовниот процес, воспитување на хумани вредности и градење на особини на личноста низ поддршка од страна на наставниците. Семејството е примарна средина во која детето ги стекнува првите навики и вредности. Какви односи владеат во семејството, тоа ќе рефлектира и во развој на личноста на детето.

Денес дигитализацијата нѝ дозволува најголем дел од времето да го поминуваме пред малите екрани и да следиме сé што се случува со само неколку кликови. Од денешен аспект можеме да кажеме дека патот до информациите е многу олеснет што значи дека тие се шират со голема брзина и стигнуваат до секого, со што секојдневно сме изложени на безброј новости. Но, во ова море од информации, дел од нив се корисни, додека дел од нив се и малициозни, односно нивната цел е да не заведат, да нè дезинформираат, да нè излажат. Некои од нив се толку вешто спакувани, што успеваат да допрат до нашите емоции, па кај луѓето кои се склони кон агресија го поттикнуваат насилното однесување.

Овде можеме да го спомнеме и влијанието на видеоигрите и филмовите со содржина која кај многумина ја „буди“ агресијата и агресивното однесување. Честопати децата, односно младата популација знае да го пренесува она што го гледа и да шири онаква енергија каква што преживува. Сите оние аудиовизуелни содржини, посебно оние каде има насилство, често се манифестираат и во секојдневието. Според младите, агресијата во денешно време најчесто се одликува во училиштата.

Н.П.

Слични содржини