Бугарскиот идентитет не смее да се жртвува во име на деловните односи, а политичарите кои ќе ја предадат бугарската кауза во Република Северна Македонија се осудени на политичко самоубиство, вели бугарскиот професор Кирил Топалов, член на бугарскиот дел од Заедничка историска комисија.
Во интервју за БГНЕС тој обвинува дека Македонија е последен бастион на титоизмот, дека е зависна од Србија и дека продолжува да се оградува од Бугарија, па практично и нема комуникација меѓу Скопје и Софија.
„Деловните односи меѓу двете соседни земји се нешто пожелно и позитивно, колку што знам Бугарија постојано се обидувала да развива такви односи со РС Македонија. Без такви врски, две соседни земји се осудени на незнаење и непријателство. Сепак, деловните односи бараат инфраструктура, а ние немаме таквов однос со оваа земја“, вели професорот.
Пример е исчезнатата железничка линија што ги поврзува двете земји.
„Пред 20 години кога ни беа подобри односите, наводно се изгради железничка пруга од Скопје до нашата граница, но таа застана и сега на обележаната траса расте трева и коприви. Железничка линијата сега е само на наша страна. Македонија има автопатишта кон Србија, Грција и Албанија, додека патот од нашата граница до Скопје наликува на патот Своге од средината на 1950-тите. Според денешните стандарди, практично нема пат. Затоа, развојот на бизнис ќе биде исклучително тешко. Прво, мора да се направат напори за изградба на стабилни патни врски меѓу двете земји“, додаде проф. Топалов.
Тој во своето интервју меѓу другото, го коментира и ставот на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, за што вели дека е провокација како за Бугарија, така и за Грција.
„Неодамна претседателот на нивната академија на науките, Љупчо Коцарев, излезе со шокантна изјава, која всушност политички ги испровоцира и Бугарија и Грција. Тој рече дека во Македонија е создадена македонската азбука и македонскиот јазик, дека Климент и Наум Охридски ја создале македонската духовност и литература и потоа ја дале на целиот словенски свет, дека македонскиот јазик се зборува низ цела Македонија – Егејска, Пиринска и Вардарска. Ова е политички иредентизам. Тоа значи дека утре може да имаат претензии за Пиринска и Егејска Македонија“, вели Топалов.
Во интервјуто Топалов оценува дека македонската страна не го почитува Договорот за добрососедство од 2017 година, особено делот за општата историја.
„Тоа значи дека до 1944 година бевме еден народ со еден јазик – бугарски народ со бугарски јазик. Потоа ја создадоа оваа српско-македонско-дијалектно-бугарска мешавина што ја нарекуваат македонски јазик. Тие може си го нарекуваат како што сакаат. Но, наше право е да го признаеме како таков или не. Ние сакаме многу малку од нив, тие не се подготвени да се откажат, дури ни не го почитуваат договорот“, вели Топалов.
Според него, бугарската позиција кон Македонија во 2022 година треба да остане отворена за дијалог, отворена за деловни односи и како што вели „подготвена да помогне на нашата земја и на луѓето од нашата крв да се приклучат кон ЕУ“.
„Ова е наша желба и никогаш не би го жртвувале нашиот идентитет за друга цел. Тоа би бил крајно погрешен потег и мислам дека сите го разбираат тоа. Ова е сложено прашање што се однесува на еманципација на Македонија од Србија и оттогаш нашата братска држава да почне да гради сопствена политика и односи. Бугарската рака е секогаш подадена“, вели Топалов.