Професорот по теоретска механика, Дејан Трајковски, кој на дневна основа статистички ги следи сите официјални информации поврзани со коронавирусот на својот Фејсбук профил објави фотографија на се гледа цистерна за 3 тони течен кислород наменета за ковид болните пациенти во Битола.
-Оваа фотографија нагледно ни прикажува колку ѕверска болест е ковид-19. Лево на сликата е прикажана старата цистерна за 3 тони течен кислород, која во нормални времиња ги задоволува потребите на сите болни во битолската болница во текот на 14 дена. Всушност, потрошувачката не е ни толкава, затоа што течниот кислород постепено, како што се загрева, испарува и се губи.
На сликата десно, она што личи на огромен силос за жито (или на ракетата СпејсИкс на Илон Маск) е новата цистерна со капацитет од 22.000 таканаречени нормални кубни метри експандиран кислород (односно 25,8 обични кубни метри течен кислород, односно изразено преку маса околу 29,4 тони). На врвот на хоспитализациите на почетокот од месецот, лежечките 140-150 ковид болни имале потреба од 3 тони (!) кислород на ден – повеќе од целиот капацитет на малата цистерна, што во нормални услови е доволно за 15 дена на болните од сите одделенија. Толку лоша болест е ковидот, кога белите дробови повеќе не можат да го снабдуваат организмот со кислород и зависат од надворешен кислород!
Инаку, течниот кислород (LOX) на нормален атмосферски притисок испарува на -184 степени Целзиусови, во сооднос 1:869 меѓу течна и гасовита фаза. Во резервоарот се одржува натпритисок од десетина бари, што ја поткрева точката на вриење на околу -160 степени.
Лево од резервоарот (којшто е многу добро топлински изолиран и обоен со бела боја, заради намалувањето на апсорпцијата на сончевото зрачење) се наоѓа испарувачот, каде течниот кислород прима топлина од надворешната средина и испарува (практично врие) до гасовита состојба. Долу се гледа мразот од ниската температура на испарување и големиот проток. Преку систем на цевки кислородот потоа се разведува до маските на болните, каде тој ја прави разликата помеѓу животот и смртта, пишува Трајковски.