Изгледа дека мерките за ограничување на влезот во кафеаните за невакцинираните, освен што го зголемија интересот за вакцинирање, ги намалија и гужвите во кафеаните, а со тоа влијаеа и на намалување на преносливоста на епидемијата. Забележуваме дека ефективниот репродукциски број Rt особено стрмо се намалува после 16 август, по воведувањето на мерките. Се разбира, можно е и стравот кај населението да дејствувал како автоматска регулација за намалување на преносливоста преку поголемо внимавање (негативна повратна врска, како што ја нарекуваме во теоријата на автоматско управување на системите), објави синоќа професорот од Техничкиот факултет-Битола, Дејан Трајковски, кој ја следи епидемиолошката состојба во Македонија откако започна пандемијата со Ковид-19 и преку прецизни математички пресметки прави проекции за движењето на епидемиолошката крива.
Според него, доколку преносливоста продолжи да се намалува со ова темпо, врвот на летниот бран можеби би настапил уште околу 1 септември, со максимални дневни броеви до 1500.
-На дијаграмот на втората слика веќе се забележува дека подвижната средина (жолтата линија) повеќе не може да ја следи линијата на експоненцијалниот раст (црвената линија), што обично се случува при наближување кон врвот. Единствено стапката на позитивни тестови, нејзината подвижна средина (црвената линија на дијаграмот на третата слика) како да не покажува знаци на забавување, а тоа е неповолно затоа што заедно со неа се зголемува и подвижната средина на дневниот број на случаи (сината линија на истиот дијаграм). Наредните денови ќе ни дадат подобра слика, но најважно е што преносливоста сепак се намалува, стои во пресметките на Трајковски.
Сепак, тој нагласува дека до денеска (вторник) сигурно веќе има преку 1.000 хоспитализирани, а на врвот на активните случаи во првата недела на септември (кога се очекуваат околу 18.000 активни случаи), во најоптимистичката варијанта (во општините со многу вакцинирани) ќе има потреба од околу 1.500 болнички постели.
-Тоа е веќе опасно блиску до критичните 1.800, кога во април болниците влегоа во заситување. Но, тука не е крајот на проблемите. На крајот на септември и во текот на октомври, почетокот на есенскиот бран нема да го дочекаме со празни болници (како лани, со само 300 хоспитализирани), туку со најмалку 1.500 хоспитализирани. Тогаш преполнувањето многу бргу ќе настапи, па ќе мора да бидат прогласени рестриктивни мерки. Веќе видена и позната стратегија – не мислиш со време, се надеваш дека системот МОЖЕБИ ќе издржи, па дури откако ќе колабира, воведуваш некакви полумерки. Во меѓувреме луѓето ќе умираат во домашни услови. Така било и така ќе биде, бидејќи кај нас одамна не важи правилото: „Подобро да се спречи отколку да се лечи“. Така навикнале, нема причина да се надеваме дека овој пат ќе биде поинаку. Нам само ни преостанува – да гледаме и да се чудиме, смета професорот.