Универзитетски професори од Шумарскиот факултет остро реагираат на сечата на жарданериското зеленило на неколку поголеми потези долж булеварот Александар Македонски. Тие велат зеленилото сместено во просторот меѓу двете насоки на поголемите булевари во Скопје (Партизански одреди, Гоце Делчев, Александар Македонски и др.) е еден од најуспешните примери за озеленување низ севкупното зеленило на Скопје.
„Како наставници (универзитетски професори и асистенти) на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектира и екоинженеринг „Ханс Ем“ (ХЕФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ НАЈОСТРО ЈА ОСУДУВАМЕ неколкудневната активност на отстранување на жарданериското зеленило на неколку поголеми потези долж булеварот Александар Македонски (од хотел Континентал до раскрсницата со ул. 16-та Македонска бригада), како и моментното искорнување на зеленило на булевар Гоце Делчев, поточно во близина на раскрсницата на влезот во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методија“ и зградата на МРТВ.
Жарданериското зеленило сместено во просторот меѓу двете насоки на поголемите булевари во Скопје (Партизански одреди, Гоце Делчев, Александар Македонски и др.) е еден од најуспешните примери за озеленување низ севкупното зеленило на Скопје. Освен естетски придобивки, заради кои е убав белег на Скопје, ова зеленило исполнува и ред други битни функции (намалување бучава, намалување на ефектот на урбаните термички острови, задржување на прашина, и др.) кои стручно се нарекуваат екосистемски вредности/функции.
Конкретното зеленило кое во изминативе неколку денови безмилосно се корне од механизација, очигледно ангажирана од надлежни институции (Град Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“?), е генерално во одлична здравствена состојба, со многу мал, речиси незначителен, број на исушени садници.” – стои во соопштението од професорите