Програмските активности на Агенцијата за туризам со 90,50% реализација во 2022 година

од Nikola Popovski
254 прегледи

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, д-р Љупчо Јаневски на денешната прес конференција даде осврт на резултатите во туризмот, а кои се во насока на закрепнување на овој сектор и имаат позитивен импакт во македонската економија.

Туристичкиот сектор во првите десет месеци со посветеност и работа успеа да стигне до поставената цел, со остварени 2,6 милиони ноќевања. Бројките говорат дека Северна Македонија е дестинација за 4 сезони, се продолжува сезоналноста и се очекуваат повеќе од 2.8 милиони ноќевања заклучно со  2022 година.

Во чекор со Европа продолжува закрепнувањето на македонскиот туристички сектор, во период јануари-септември 2019/2022, според податоците на Светската Туристичка Организација  број на туристи на светско ниво е – 37%, додека Европа и Северна Македонија се со  -19%. Нашата земја е во првите 10 дестинации според девизниот прилив од туризмот, согласно податоците од UNWTO (светска туристичка организација). Во првите три квартали од 2022 година девизниот прилив е 376 милиони долари од туристички промет, што е за 25% повеќе од 2019 споредбено со 2022 истиот период. Се очекува надминување на целта за 2022 година со 430 милиони долари од туристички промет.

„За да успееме треба да бидеме многу повеќе од упорни, оваа година ја заокружуваме со 90,50% реализација на програмските активности на Агенцијата за туризам. Ме радуваат новите авионски линии, Белград –Охрид, Измир – Скопје, Анкара – Скопје, Манчестер – Охрид, Тел Авив –Скопје, Тел Авив – Охрид, Варшава – Охрид, Минхен, Франкфурт и Берлин-Скопје. Ова значи дополнителен раст на бројот на туристи и одличен почеток на 2023 година, но туризмот не е спринт на 100 метри, туку маратон“- вели Јаневски. Првиот квартал од 2023 година е значаен во насока на зајакнета промоција и саемско претставување на државава. Интернационалните саемски манифестации Fitur-Мадрид, EMIT-Истанбул и ITB-Берлин се место каде се договараат информативни патувања, нови авионски линии, бизнис средби кои се отскочна даска за понатамошна соработка и развивање и практикување на нови форми на туристичка понуда и промоција. Една од целите на македонскиот туристички сектор за 2023 година е бројот на ноќевања од стратешки важните туристички пазари да ја надминат 2019 година.

Македонскиот туристички потенцијал со акцент на активниот туризам и локации кои се доволно атрактивни за да привлечат што повеќе туристи ќе се промовираат преку новите видеа и брошури, кои Агенцијата за туризам ги реализираше како концепт кој има влијание во туристичката промоција. Изработени се брошури и видео материјали за ТОП 20 туристички атракции во Северна Македонија и материјали за Национални паркови и заштитени подрачја.

Локациите низ Северна Македонија располагаат со услови за Дигитални номади -луѓе кои го водат својот живот на номадски начин додека се занимаваат со работа од далечина, користејќи дигитална телекомуникациска технологија. Изработени се брошури и видеа за  локации погодни за дигитални номади, Северна Македонија е идеална за луѓе со авантуристички дух, кои сакаат да запознаваат нови места и култури, сакаат да патуваат. Одлични можности за работа која не е зависна од фиксна канцеларија и работни часови, слобода во начинот на работење, добар и брз интернет и вешто користење на дигиталните алатки. Сите овие се карактеристики на новиот начин на работа, наречен дигитално номадство, а кои може да ги најдете во Северна Македонија.

Би сакале да потенцираме дека медиумската промоција на туристичките дестинации и македонски туристички продукти е активна и во овој период од годината. Односно, започната е реализација на втор дел медиумска кампања во стратешки примарните пазари, Србија, Бугарија, Полска, Турција, Албанија, Косово и Полска со цел зголемување и задржување на туристите од регионот, како и продолжување на нивниот престој во земјава. Овие туристички пазари учествуваат со 30% од вкупниот број на странски туристи во Македонија, за првите 9 месеци од 2022г.

Секторот поддршка тековнава година за туристичка намена ги уреди излетничките места Истевничке Кукуље и Римската бања кај Катланово, успешно се реализираше и проектот обележување на археолошкиот локалитет “Тумба Маџари”. Реализиран е и проектот „заштита на постоечките и обнова на старите занаети“, дополнително поставени се туристички информативни знаци долж автопатот Скопје –Штип и Штип-Струмица.  Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот e главен носител на проектот „АBOVЕ“, во соработка со Туристичка организација на град Солун и Грчко-италијанска стопанска комора, кој е во тек на реализација. Проектот ги опфаќа регионалните единици на Лерин, Пела, Кукуш, Серес и Солун, како и регионите на Пелагонија, Вардар, Југоисточен и Југозападен, покривајќи ги 100% од подобната област на самиот проект.

Јаневски додава дека со подобрување на целокупната туристичка понуда, привлекување нови инвестиции и промоција на Северна Македонија како атрактивна туристичка дестинација е возможна само со рамномерен туристички развој паралелно во сите региони низ државава. Потребно е креирање на политики од страна на локалните самоуправи и регионалните центри, кои заедно ќе работат на подобрување на локалната бизнис клима со цел поголеми инвестиции во туризмот и негов одржлив развој, кој ќе придонесе и за рамномерен регионален развој, но и економски раст на државата. За развој на локалниот туризам потребно е јакнење на локалните капацитети  и градење на структурите кои ќе овозможат реална слика и точки за подобрување во македонскиот туристички сектор. Создавање на Дестинациски менаџмент организации исток,запад,север и југ, создавање на тимови во општините кои ќе работат на проекти и нивна реализација значајни за туризмот, дигитализација и регистри на сместувачки капацитети.

Континуирано поместување на целите со фокус не само на квантитет туку и на квалитет, продолжуваме заедно со туристичките субјекти за 2023 година да ги подобруваме резултатите од 2019 година во македонскиот туристички сектор. Фокусот е на активните форми на туризам, руралниот и еко туризам, како и зајакнета понуда на ено-гастро концептот.

Слични содржини