Производителите на автомобили остварија поголем промет, но помал профит

од Vladimir Zorba
329 прегледи

Најголемите светски производители на автомобили во првиот квартал од оваа година забележаа голем пораст на прометот, но профитот не го следеше ова. Затоа, консултантите на компаниите од оваа област препорачуваат поголема дисциплина во трошоците.

Прометот во првите три месеци од 2023 година порасна за 19 отсто во однос на првиот квартал од минатата година, но добивката без вклучени камати и даноци порасна со стапка од само 6,1 отсто, според консултантската куќа EY (Ернст и Јанг).

Профитабилноста падна од девет на осум проценти. Меѓу 16-те производители кои ги анализира EY, нов лидер по маржи е Mercedes, пренесува агенцијата ДПА. Со разлика помеѓу набавна/производна и продажна цена од 14,7 отсто, компанијата од Штутгарт го остави зад себе BMW со 14,6 отсто и концернот Kia со 12,1 отсто. Tesla, кој претходно водеше, сега е четврти со профитна маржа од 11,4 отсто.

„За прв пат од почетокот на 2021 година, гледаме јасни знаци на ерозија на профитот, кој повеќе не расте толку силно како прометот“, рече експертот на EY Западна Европа, Константин Гал.

Пазарот, додаде Гал, се нормализира.

„Новиот автомобил наскоро повеќе нема да биде толку ретка стока како што беше минатата година“, така што на производителите ќе им биде се потешко да ги диктираат цените на пазарот и да избегнуваат попусти. Наскоро ќе дојде крајот на времето на „маргините на соништата“ во некои компании“, заклучи Гал.

Слични содржини