Проблемите не се надминати и натаму проценката на родот не е реална, а откупот на тутунот продолжува, сметаат производителите.
„По потпишаниот Договор од петокот, денеска очекувавме дека ќе се подобрат работите. Се случи неочекуваното, и горе-долу останаа истите проблеми на теренот. Некој е задоволен, но мнозинството се незадоволни. Затоа, ги замолуваме и ги охрабруваме тутунопроизводителите да оставаат кутии тутун за Второстепената комисија, секој кој смета дека му се цени тутунот нереално. Имаме најава, а тоа го кажа министерот Хоџа на состанокот во петокот, дека секој што ќе остави тутун за второстепена комисија, ќе се цени класа погоре. Само на таков начин може да извршиме притисок врз компаниите реално да прават проценка“, истакна Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на „Група македонски тутунари
Од иницијативниот одбор исто така најавија дека во четврток ќе имаат средба со премиерот Заев.
Според претседателот на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија пак, Менде Стомнароски, тутунарите ја имаат поддршката од Сојузот. Тој ги повика поверениците да ја работат работатата за која се платени.
„Секоја нереално проценета кутија тутун, да биде тргната настрана, за Второстепената комисија. Доколку не сакаат, да биде повикан Земјоделскиот инспекторат“, посочи тој.
Од утре,како што најавија производителите доколку тутунот нерелно се цени, ќе вршат притисок на откупните пунктови. Тие велат дека најголем притисок ќе се врши кон Сокотаб, кој е впрочем најголемиот откупувач на повеќе од 7.000 тони тутун.
Годинава реколтата тутун се цени на околу 23.000 тони.