Промовирана новата Toyota C-HR (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
486 прегледи

По месеци исчекување, Toyota ја открива втората генерација на моделот C-HR.

Да потсетиме, првата генерација беше претставена уште во 2016 година, а автомобилот веднаш привлече првенствено помлада клиентела која бараше кросовер со покомпактни димензии и оригинален дизајн. Јапонскиот производител погоди „во центар“, а C-HR постигна пазарен успех над сите очекувања. До денес се продадени дури 700.000 примероци, што драстично го зголеми уделот на Toyota на европскиот пазар.

Успехот на овој модел најверојатно се должи на надворешниот дизајн, кој е значително поимагинативен и оригинален од другите модели на јапонскиот гигант. Затоа, не е чудно што во Toyota повторно им дадоа одврзани раце на своите дизајнери, а судејќи по првите впечатоци, не разочараа.

Сега е создаден уште поатрактивно SUV-купе со бројни ексклузивни детали. Од една страна, Toyota ни ја сервира сега веќе препознатливата јапонска спортска агресивност, но со флуидни странични линии. Има и бројни детали како што се рачките на вратите на исто ниво со површината на каросеријата, големи тркала од 20 инчи и нагласена двобојна комбинација.

Чистите линии се видливи и во кабината, каде доминира дигиталниот кокпит со голем централен екран со дијагонала од 31,2 см. Рачката на менувачот не е целосно минимизирана, а Toyota не се откажува од модерните детали како амбиенталното осветлување во дури 64 нијанси. Забележлива е и употребата на поквалитетни материјали.

Понудата на простор треба да биде подобра, но стариот концепт веројатно ќе ја задржи единствената негатива, а тоа е малку клаустрофобично чувство на задното седиште. Вреди да се каже дека новиот модел е долг 4360 mm, широк 1830 mm и висок 1558 mm.

Новиот C-HR ќе се произведува во Турција и ќе ја користи платформата GA-C. Единствените опции се хибридите, послаба со мотор од 1,8 и 140 КС и помоќна со 2,0 мотор од 198 КС со достапна опција за погон на сите тркала.