Пропуст од двете страни и обид за „шарм дипломатија“: „Не може да се закомпликува ќорсокак – се бара гаранцијата не толку од Бугарија, колку од ЕУ“

од Nikola Popovski
189 прегледи

Македонија денеска ќе му врачи демарш на бугарскиот амбасадор во Скопје, поради тоа што не беше истакнато македонското знаме за време на престојот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Софија, каде што разговараше со нејзиниот колега Румен Радев. Ова денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски и порача дека Европа и светот на отворена сцена можат да ги видат вистинските намери на Бугарија. Мицкоски пред новинарите порача дека било очекувано неистакнувањето на македонското знаме за Скопје и дека „Македонија повеќе нема да ја витка кичмата“.

Намерен пропуст од Софија, гаф или нешто трето?

Настанот од петокот се уште ги бранува тензиите во двете соседни земји. И додека се чека официјалното соопштение од МНР по повод врачената протестна нота, дел од аналитичарите во земјава оценуваат дека има пропуст од двете страни. Според колумнистот Александар Ристевски, од наша страна е грешка што веднаш не се реагирало, а од нивна – повеќе од очигледно тенденциозно.

Александар Ристевски

-Не може со никого да не грешат, баш со нас да забораваат/испуштат. Дефинирањето на посетата дали била официјална или работна или било каква, е смешно. Претседател на држава, прима друг претседател на држава, во свои простории. Освен ако не се ракувале во ходник на некој самит или настан, протоколите се пратат и почитуваат. Потценувачки однос, дефинитивно. Радев си го покажува нивото. Но, од него и Јотова, друго и не треба да се очекува, вели Ристевски во разговор за „Локално“.

Потенцира дека „штом има знаме на земја домаќин, треба и знаме на гостинот“.

-Треба да бидеме повнимателни и да не дозволуваме гафови како во времето на Заев. Тој ги правеше кога му доаѓаа делегации, не смееме да дозволуваме пропусти кога ние гостуваме, посебно не кај „источниот“, па и „јужниот“ сосед кои во минатото покажале многупати дека односот која македонската држава им е несоодветен. Тука нема простор за емоции или лутења, едноставно треба да се внимава и да се бара почитување на сите формалности и протоколи, дециден е Ристевски.

Околу тоа како со понатамошниот развој на односите меѓу Македонија и Бугарија, соговорникот објаснува дека „не може да се закомпликува ќорсокак“. Ристевски прстот го вперува во поранешната Владата.

-Проблемот го створија Заев и Ковачевски, заедно со Османи, а на истиот му кумуваше Франција и Макрон. Ние добивме уште еден ултиматум и непристоен предлог, исто како со Преспанскиот, па единствено што добивме е влез во НАТО, а за возврат се разоружавме, сменивме име на држава, го осакативме идентитетот, обезличивме институции, плус го дадовме небото на армијата на Грција. Бугари во Устав не е проблем. Проблем е негирањето на Македонци и тука и во Бугарија, плус немањето гаранции, дека нема да има блокади при ЕУ интегративниот процес. Едноставно е, нели!? Мислам дека се бара гаранцијата не толку од Бугарија, колку од ЕУ. Унијата треба само да потврди дека ќе примора Бугарија дека ниту таа, ниту друга членка ќе го блокира нашиот пат ради политичко историски спорови, објаснува аналитичарот.

Со сличен став е и политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски. Го поставува прашањето каде е претходно македонскиот државен протокол да „спречи“ вакви (не)намерни дипломатски гафови од страна на источниот сосед, во ситуација кога ни се целосно нарушени меѓусоседските односи.

Благојче Атанасоски

-Видовме на социјалните мрежи, слики од неофицијална посета на премиерот Мицкоски, на хрватскиот премиер Пленковиќ, каде што исто немаше истакнато македонско државно знаме. Јавноста во Македонија, воопшто не ни реагираше. Во духот на меѓусоседските односи, нека не се создава дополнително проблем каде што го нема. Односно ако е во дипломатски протоколарен режим да не се поставува државно официјално знаме, како што било во случајот со Бугарија и Хрватска – во ред, но ако требало, тогаш е гаф, пропуст на нашата дипломатија што дозволила такво нешто и веројатно смислена дипломатска провокација. Тие што се занимаваат со дипломатски протоколи и се стручни по ова прашање, нека се произнесат, за да и понатаму не се користи истото за дневно-политички поени и во Македонија и во Бугарија, посочува Атанасоски во разговор за „Локално“.

На прашањето како го коментира и фактот што претседателката и двајцата министри Љутков и Муцунски не изреагираа на ваквиот „скандал“ во Софија, туку отпосле пристигнаа првите реакции и објаснувања, соговорникот истакнува дека веројатно е „немање храброст, веднаш таму на лице место да се реагира, па кога ќе ги видите реакциите на констернираната јавност, тука на домашен терен, и вие бурно ќе реагирате“.

-Односите со Бугарија, за жал се на историско ниско ниво, но со пробување дека со т.н „шарм дипломатија“, ние можеме да ги подобриме истите е само незрел обид и наивно неискусно, можеби верување, дека така функционираат односите меѓу две државни кои имаат тешки обременети проблеми и несогласувања околу историјата, и кога едната и го негира посебниот национален идентитет и јазик на другата. Така работите во меѓународните односи и дипломатијата не само што не даваат резултати, туку доаѓаме и до вакви „скандали“, со кои уште повеќе си ги нарушуваме нашите позиции, нашиот углед и нашето дипломатско лице како држава, објаснува Атанасоски.

Анализира дека колку и да не ни се допаѓа ставот на Бугарија, оваа држава има сто и педесет годишна традиција на државна дипломатија. Според него, „ако ние мислиме дека државно-изгласан Договор или прифатена европреговарачка рамка ќе ја замениме, а за тоа туку така лесно ќе се согласат соседите, или наивно се лажаме, или ги лажете граѓаните“.

-Репреговарање нема да има-зошто Бугарите тоа изрично го велат, а ако евентуално има, ќе добиеме десет пати полоши поставени услови, за овие што се сега и ги сметаме добри, да ни се видат тогаш одлични. Но мислам дека и надворешната политика на оваа власт не е целна да се интегрираме во ЕУ, туку да бидеме последна екстензија на оската Будимпешта – Белград – Бања Лука-Скопје, со политички тутор, ментор и господар во Москва. Што тоа ќе значи по иднината и судбината на државата и граѓаните, децениите пред нас ќе покажат, предупредува Атанасоски.

„Нема повеќе да имаме меѓународна политика, ниту дипломатска со свиткана кичма. Тогаш кога ќе се помине рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Затоа што вие ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане пракса. Но, она што е поважно за мене е тоа што Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, а тоа и го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери Бугари во Устав, тоа е најмалиот проблем. Таму многу е поголема потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери“, изјави денеска премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Премиерот нагласи дека сме подготвени секогаш на добрососедските односи со добрина да возвратиме, но кога ќе видиме дека се поминати црвените линии, тогаш ќе мораме да интервенираме. Како што посочи, македонската делегација за непоставувањето на државното знаме не реагирала веднаш во знак на почит на двајцата пилоти, кои истиот ден го загубија животот во авионска несреќа.

За работата на Мешовитата комисија со Бугарија, Мицкоски очекува разговорите да продолжат во духот на пријателството и добрососедство.

Денеска се огласи и претседателот на Бугарија, Румен Радев по повод неистакнувањето на македонското знаме. Кажа дека ова не било ниту државна, ниту работна посета на претседателката Сиљановска-Давкова.

„Нека биде јасно, ова не беше ниту државна, ниту работна посета и се надевам дека во блиска иднина претседателот на Република Северна Македонија ќе оствари државна посета, која ќе биде со сите официјални церемонии по протокол, и тоа ќе придонесе и за нашите односи“, изјави Радев, додавајќи дека средбата во Софија била конструктивна и со добар тон, додавајќи дека имал покана за посета на Македонија.

Н.П.

Слични содржини